Чаршиските занаетчии на мака: „Поголема криза сме немале“

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

„Некогаш имало криза, некогаш не, но како овие два месеца мислам дека поголема криза немало. Воопшто немавме работа, доаѓавме во дуќан и си правевме муабет колку да помине време. Доаѓавме од 10 часот докај 13-14 и си одевме дома.“

Биљал Абдулаху веќе 11 години работи како кројач. Вели дека таква економска криза како оваа од Ковид-19 не памети да се случила некогаш.

„Тука сум 11 години, уште кога бев во 6 одделение“

Учевте занает?

„Да, да, тогаш мал бев, потоа се запишав во средно текстилно училиште“

Тој вели дека не влегол никој да купи нешто цели два месеца, туку само за нешто итно. Тој очекува од државата да им ги пушти ветените пари од 14.500 денари. Денеска министерот за економија, Крешник Бектеши се сретна со занаетчиите. Претседателот на занаетчиите Агрон Фазлији побара од министерот занаетчиите да добијат помош бидејќи не можат да ја надминат економската криза.

„Во моментов нема затворени дуќани, но повеќето од нив три месеци се без никаков приход. Врз таа основа се нашите барања до министерот кои се прифатени“, вели Фазлији.

Тој додава дека некои од занаетчиите одбива да аплицираат за минимална плата од државата мислејќи дека потоа ќе треба да ги вратат тие пари. Министерот Бектеши рече дека не се скратени средствата за занаетчиите.

„Министерството за економија во 2020 година во рамки на буџетот за иновации, претприемништво не ги скрати средствата за поддршка на занаетчиите. Добар дел од мерките се реализирани. Што се однесува до помошта за занаетчиите дел од мерките се реализира во моментов.“, изјави Бектеши.

Кројачот Биљал Абдулаху вели дека државата не му помогнала со ништо а стравува дека неговиот занает нема кој да го наследи.

„Државата не ни помага со ништо, тука имаше многу кројачи но занаетите изумираат бидејќи младите не сакаат да се занимаваат со занает. Знаат дека нема иднина во тоа.“, изјави Абдулаху.