Бузаку: Разрешувањето е подготвено сценарио – Реџепи и Фетаху купиле станови со пари на ИВЗ?

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ


Поглаварот на Исламската верска заедница е разрешен, но кој е неговиот наследник Шаќир Фетаху и како е можно поглаварот на ИВЗ да биде разрешен од функцијата во молк и без никаква реакција? Синоќа во емисијата „Клик Плус“, Скендер Бузаку кој е претендент да застане на чело на ИВЗ излезе со обвинувања на адреса на Реџепи и Фетаху за злоупотреба на средства од фитри, аџилакот и зекатот. Како што вели, назначувањето на Фетаху за в.д. поглавар на ИВЗ е нелегитимно и противуставно, а пак разрешувањето на Реџепи – подготвено сценарио. Според Бузаку, Фетаху и Реџепи инвестирале 200 илјади евра за фиктивен трговски центар во Гостивар, а како што тврди, купиле и станови во Охрид и Скопје.

„Во Гостивар се зборува за фиктивен трговски центар, 200 илјади евра се потрошени само за проектот. Тука спаѓа и оној кој денеска се нарекува в.д. Шаќир Фетаху, бидејќи заедно со Сулејман Реџепи ги злоупотребија средствата“, истакна Скендер Бузаку.

Бузаку исто така говореше и за становите кои ги поседува Шаќир Фетаху кои чинат од 200 до 300 илјади евра, а купени, како што уверува, од парите на ИВЗ.

„Најблискиот човек на Сулејман Реџепи за две години купи стан во центар на Скопје… стан во центар на Скопје за две години. Човек кој треба да биде во служба на луѓето кои немаат, на сиромашните и кој има богатство 200-300 илјади евра инвестирано во станови“, додаде Бузаку. 

ТВ21 контактираше и со новиот в.д. поглавар на ИВЗ, но тој не сакаше да ги коментира обвинувањата на Бузаку.

„Не е проблем. Овие обвинувања не се нови, и тоа ни прави услуга. Не е проблем“, порача Шаќир Фетаху. 

Бузаку меѓу другото го обвини Реџепи дека на неговиот син, Зекљул Реџепи, му префрлил 20 илјади евра од сметката на ИВЗ.

„Сулејман Реџепи на неговиот син префрлил 20 илјади евра. Сите прашуваме, јавноста, верниците – што работел синот на Сулејман Реџепи, Зекљул Реџепи во ИВЗ и колкава му била платата? Имал месечна плата од 20 илјади евра, но како се случи татко да му префрла пари на синот?“, додаде Скендер Бузаку.

ТВ21 контактираше и со Зекљул Реџепи, но тој кусо ни кажа дека не познава човек по име Скендер Бузаку.