„Без НАТО, балканот денес ќе беше во пламен“ – се одбележаа 20 години од интервенцијата во Косово

На денешен ден, пред 20 години, НАТО интервенираше во Косово бомбардирајќи го Белград и воените и полициските точки на Србија, откако не успеаја да го убедат претседателот на Србија, Слободан Милошевиќ да ја запре агресијата врз Косово. Според лидерот на ДУИ, Али Ахмети, оваа одлука на САД и сојузниците била исправна спречувајќи го налетот на силите мотивирани од Русија.

„НАТО  ни помогна. НАТО беше одлучувачко за ослободување на нашите простори. Инаку и денес овде ќе имаше војна. Балканот ќе беше во пламен. Националната слобода ја добивме со пролеаната крв на нашиот народ, но ослободувањето го постигнавме со интервенцијата на НАТО на овие простори. И не се ослободи само Косово туку и Балканот бидејќи денес НАТО силите се во Словенија, Хрватска, Црна Гора а утре ќе бидат и во Република Северна Македонија“, вели Али Ахмети – лидер на ДУИ.

Не заборавајќи да се заблагодари на Албанците од Македонија кои ги засолнаа бегалците, вицепремиерот на Косово, Енвер Хоџај рече дека воената интервенција на НАТО врз Србија и спасувањето на народот од Косово е резултат на издигнувањето на НАТО во супер сила и зајакнувањето на ЕУ, кое што  довело и до издигнување и на Албанците правејќи ги значаен фактор на Балканот, затоа, според Хоџај, по секоја цена треба да се сочува партнерството во иднина.

„Ако во 99 имавме воена победа над Србија и на дипломатско ниво, во 2019 преку можен мировен договор меѓу Косово и Србија, кој треба да подразбира меѓусебно признавање, и треба да подразбира воспоставување на дипломатски односи, како и членство на Косово во ООН, ние можеме да го затвориме последниот историски предизвик од регионот, како што е односот меѓу Косово и Србија“, изјави Енвер Хоџај – вицепремиер на Косово.

Бомбардирањето на Југославија од воената операција на НАТО се случи без одобрување од Советот за безбедност на ООН. Бомбардирањето започна на 24 март и траеше до 10 јуни 1999 година, кога беше постигнат договор за повлекување на српските воени трупи од Косово и воспоставување на мировна мисија на Обединетите нации.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ