Бачев: Странскиот измеќар Зоран Заев и 81 пратеник извршија национално предавство врз македонскиот народ

Јанко Бачев, лидерот на Единствена Македонија изјави на денешниот прес дека премиерот Заев е странски измеќар и со своите 81 пратеник извршиле големо предавство врз македонскиот народ со уставните измени.

„Многу е веројатно дека марионетата Заев како влада прв ќе се истрча во името на државата да ги извести Обединетите нации. Во таков случај, и претседателот Иванов веднаш треба да упати писмо до ОН со кои ќе ги извести дека се работи за невалиден договор, ништовен и според домашното и според меѓународното право бидејќи договорот не е склучен од надлежен орган и нема дозволен предмет, не е почитуван референдумскиот резултат од 30 септември, не е потпишан указот од Иванов, значи сето ова добро ќе се образложи во писмото на Иванов.

Во една таква ситуација ќе дојде до меѓународно недоразбирање и според Повелбата на ОН Иванов ќе побара тоа да биде испитано од Советот за безбедност на која седница ќе учествува и Иванов, бидејќи според Повелбата секоја членка на ОН која не е членка на Советот за безбедност, може да учествува без право на глас во расправата кога нејзините интереси се засегнати.

Позицијата на Иванов да се обрати во името на државата е многу посилна од Заев и владата од најмалку две причини:

Прво, според домашното право примарна надлежност за вакви меѓународни договори има Иванов, и второ, веќе имаме воспоставена практика, да потсетам, сите преговори за членството на Македонија во ОН и на крај писмото во ОН за членство во 1992 го поднесе претседателот Киро Глигоров а не тогашната влада со Бранко Црвенковски, и оттука, може да се изведе аргументот дека Иванов како претседател има примарно и посилно право да се појави пред Обединетите нации.“, изјави Бачев.