Автопатот Скопје-Блаце 17 години на хартија, треба да се почека уште неколку години за изградба

Конечно светло на крајот од тунелот за изградба на автопатот Скопје-Блаце. Првичниот проект за неговата изградба е објавен уште во 2002 година, но по 17 години проектот е застарен и сега е предвидено да се направи ре-проектирање.

Изградбата се очекува да се одвива во две фази. Првата од граничниот премин „Блаце“ до клучката Блаце во должина од околу 2 километри. За овој дел од автопатот тендерот се очекува да биде објавен во февруари, па доколку не се појават компликации, активностите можат да започнат напролет, а ќе траат 18 месеци.

Вториот дел, долг околу 10.5км е делот кој бара најмногу време. Ре-проектирањето треба да заврши до крајот на годинава, а според прогнозите, тендерот треба да биде објавен на почетокот на 2020 година. Изградбата на овој дел е предвидено да трае околу 36 месеци. Така што ќе треба да се почека уште 4 години за автопатот да биде пуштен во употреба. Кога ќе се возите по овој автопат, ќе мора да плаќате и патарина.

Автопатот, кој ќе има 4 тунели и 8 моста, вреден околу 110 милиони евра, има стратешка важност за Македонија. Освен што ги зближува луѓето, го скратува патот Скопје-Приштина за 45 минути. Според вицепремиерот Бујар Османи, со изградба на автопатот ќе се зацврсти и економската соработка меѓу Македонија и Косово.

„Не само за регионалното и политичкото поврзување. Косово е најсоодветниот економски пазар за Македонија, имајќи предвид дека годишната трговска размена е околу половина милијарди евра, а тоа е токму поради близината и можностите што ги нуди Косово како пазар“, изјави вицепремиерот за европски прашања, Бујар Османи.

Во однос на тоа како ќе биде именуван автопатот, Османи рече дека во Владата сѐ уште не дискутирале за ова прашање. Сепак, како што вели, од неформален разговор со лидерот на ДУИ, Али Ахмети, сфатил дека тој претпочита автопатот да се вика „Арбер Џафери“, исто како во Косово. Но, конечното име ќе се знае откако ќе се договорат во Владата.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ

©TV21.TV Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира!