Аутизмот не е пречка за ништо, 14 годишно момче сонува за концерт со виолина

14 годишниот Филип свири на виолина, прави филмови и се занимава со многу други активности. Но, сменил четири училишта бидејќи, како што вели, не можел да се прилагоди и не бил прифатен од другарчињата само затоа што има аутизам. На виолина почнал да свири од 7 годишна возраст, а сонува да одржи голем концерт.

Неговата мајка вели дека граѓаните се уште не знаат како да се однесуваат кон лицата со аутизам и да зборуваат на овие теми. Таа вели дека секој ден воделе битки за да стигнат до местото каде што се денес.

Денис Јанкуловски, од организацијата Аутизам ААМК, вели дека државата не прави доволно за овие деца да се вклучат во секојдневните активности.

Под мотото „Правиме добри дела и растеме заедно“, невладината организација Аутизам ААМК и хуманитарната организација „Инер Вил Клуб Скопје Европеа“ (Inner Wheel Club Skopje Europea) организираа настан посветен на месецот на аутизмот и подигање на свеста. Целта е вклучување на децата со аутизам во секојдневието, нивното прифаќање од општеството и елиминирање на дискриминацијата. Сите деца имаа можност во градскиот парк заедно да играат, танцуваат и пеат.

Инаку аутизмот претставува нарушување на невролошкиот систем и се карактеризира со намалени способности за социјализација и комуникација, со ограничено  однесување кое се повторува. Во Северна Македонија се уште не постои регистар и затоа не се знае точната бројка на лицата со аутизам. Според светските статистики, 1 од 166 лица има аутизам. Аутизмот не е болест. Низ историјата имало многу познати личности  за кои се испоставило дека имале аутизам.

РЕПОРТЕР: АЛМЕДИНА ИСМАЈЛИ