Антикорупциска без поддршката на ВМРО, мнозинството сака комисијата да се формира пред претседателските избори

Пред Нова Година, Владата го повлече од Собрание предлог-законот за Комисијата за спречување корупција. Истиот закон денеска беше вратен во Собрание, но со европско знаменце, што подразбира дека ќе оди директно во Комисијата за европски прашања. Овој факт ќе му ја олесни работата на парламентарното мнозинство. Сега во рок од три дена оваа комисија треба да го изгласа овој предлог закон, а потоа истиот ќе оди на пленарна седница во Собрание.

Откако ќе помине на пленарна седница, доколку законот не биде блокиран од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Антикорупциска може да се формира за неколку дена. Кирацовски се надева дека роковите ќе се почитуваат. Меѓутоа ја немаат поддршката од ВМРО-ДПМНЕ за законот за кој Кирацовски рече дека Европската комисија дала позитивно мислење.

„Власта не знае како да ги сокрие своите криминали заборавајќи дека се на власт повторно го обвинуваат ВМРО-ДПМНЕ. ВМРО-ДПМНЕ останува на својот принципиелен став за формирање на ефективна антикорупциска комисија која ќе се бори против криминалните тенденции на оваа власт и која нема да биде само марионета на аболицираниот криминалец Зоран Заев и екипата околу него.“ – ВМРО-ДПМНЕ.

 Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, бара финансирањето на политичките партии да не биде во рамките на Комисијата за спречување на корупција. Тие исто така бараат Антикорупциска да нема директна контрола врз сметките на избраните или назначените функционери. Македонија веќе десет месеци, од март 2018 е без Комисија за спречување на корупција. Стариот состав даде оставка поради злоупотреба на јавни пари.

РЕПОРТЕР: БЕСИР АРИФИ