Ајет е една година без пасош – нашите државјани во Словенија останале без документи

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Неколкумина наши државјани кои живеат во Словенија останале без пасоши. Еден од нив  е Ајет Зеќири. Тој вели дека за нов пасош се фотографирал во ноември минатата година во Амбасадата на РСМ во Словенија, но се уште не ја добил патната исправа.

„Аплицирав за пасош минатата година. Рокот на мојот пасош истече на 25 август. Се јавив во Амбасада и ми рекоа да чекам додека да дојде лицето кое фотографира. Чекав, рокот беше 27 ноември 2019.Чекав неколку месеци за да се фотографирам, потоа ми рекоа дека треба да чекам околу 3-4 месеци. Според нив пасошот требаше да стигне во мај или април“, посочи Ајет Зеќири.

Ајет поради тоа што нема пасош, не може да ја подигне платата од банка. Не му одговара да дојде во Македонија поради 14 дневниот карантин, бидејќи не му даваат толку одмор од работа.

„Со оглед на тоа дека сум државјанин на Македонија, банката ми бара валиден пасош за да може да го продолжи договорот, бидејќи веќе 10 години сум клиент на оваа банка. Кога одам на шалтер ми бараат пасош“, посочи Ајет Зеќири.

Прашавме во Амбасадата на РСМ во Словенија во врска со овој проблем. Не ни одговорија, туку ни рекоа дека надлежен орган, како што е МНР, ќе даде објаснување.

Ниту МНР не ни даде јасен одговор. Од таму велат дека проблемите со документите се предизвикани од пандемијата. Од МНР додаваат дека нашите државјани со дозвола за патување, можеле да дојдат во РСМ до 31 јули.

„Владата донесе Одлука со што валидноста на истечените пасоши е продолжена до 31 јули 2020 година. Од страна на Министерството за надворешни работи, дадени се инструкции до дипломатско-конзуларните претставништва да издаваат Потврди на нашите државјани за продолжениот период на важноста на истечените пасоши, по потреба во итна постапка да се издаваат Патни листови, како би можеле нашите државјани да допатуваат во својата матична држава и да аплицираат за пасош“, велат од Министерството за надворешни работи.

Ајет вели дека 27 ноември бил последниот термин за фотографирање, и дека потоа немало веќе термини. Има и други лица кои чекаат, вели Ајети. Имаат група на социјалните мрежи, наши државјани кои живеат во Словенија и каде разменуваат информации.

Од МВР немаат одговор зошто пасошите се уште не се готови. Не се знае кога нашите државјани ќе ги земаат пасошите, нешто што претставува нивно легитимно право и нешто што им предизвика проблеми во државите каде живеат.