Вградено прво вештачко срце, 46-годишен пациент од Штип со нова шанса за живот

1261
0
АКЦИЈА

 

Вака изгледа вградувањето на првото вештачко срце во Македонија. Операцијата што траела пет ипол часа му даде нова шанса за живот на 46 годишниот пациент од Штип. Неговото срце функционирало само 15 проценти, тој не можел да се движи и тешко дишел, па доколку не му било вградено вештачко срце, му останувале само уште неколку дена живот, велат од Клиничката болница „Аџибадем Систина“ во Скопје. Со ова вештачко срце тој ќе може да живее уште шест години, а потоа треба да се направи уште една трансплантација меѓутоа од донор. Зафатот поминал успешно, а пациентот е во стабилна состојба, изјави Александар Николиќ, кардиохирург што ја водеше операцијата.

„Денеска пациентот стана од кревет и направи неколку чекори. Резултатите се неверојатно добри. Ние сме многу среќни што пациентот се опоравува многу брзо“, вели Николиќ

Механичкото срце е со иста големина како и природното и тежи шест килограми. Се напојува со батерија, којашто, по излегувањето од болницата, пациентот треба да ја носи во специјален ранец на грб.

„Вкупно во светски рамки се изведени 1.800 вакви операции. Македонија влезе на листата како 25 земја во светот каде што се изведува овој исклучително комплициран хируршки зафат, покрај држави како што се Америка, Канада, Франција, Германија, Турција, Велика Британија, Италија и други“, посочи Јана Марии.

Прв ваков зафат во светот е направен во Париз во 2013 година, а Македонија е втора во регионот, по онаа минатогодишната на Институтот за кардиоваскуларни болести во Белград, исто така изведена од доктор Николиќ.

Данче Азманова