Пресуда за дедото на Тамара, одбраната смета дека не постојат цврсти докази за обид за убиство

1327
0
АКЦИЈА

 

 

Љупчо Стојановски, дедото на малата Тамара Димовска од Велес, која во 2015 година почина чекајќи операција на рбетот во странство, е прогласен за виновен. Скопскиот кривичен суд го осуди на 7 и пол години затвор за обид за убиство на поранешниот министер за здравство Никола Тодоров. Судијката Софија Лаличиќ изрекувајќи ја пресудата рече дека докажана е намерата дека Стојановски пукал и сакал да го убие Тодоров

„Кога системот убива дете народот протестира. Кога системот убива дете одговорноста за тоа е неминовна. Но, треба да се најдат одговрните лица и да одговараат пред надлежните институции на начин предвиден со закон. Овој судски совет сочувствува со загубата на обвинетиот и неговото семејство, но дали барањето правда преку одмазда по принципот “око за око” е правдата која сакаме да владее во нашата држава? Барањето правда преку одмазда е само уште една неправда. Затоа одмаздата не е начин ниту решение“, порача Лаличиќ.

Одбраната е незадовола од висината на казната. Адвокатката на Стојановски смета дека умислата не е докажана.

„Не очекувавме ваква пресуда затоа што не постојат цврсти докази дека обвинетиот Љупчо сакал да го убие Тодоров. Воопшто не се докажа неговата умисла. Самото тоа што бил присутен пред платото на Министерството за здравство и држел пиштол од кој што несомнено било испукано но не беше докажано како, не го прави убиец. Поради тоа не сме задоволни од пресудата“, додаде адвокатката Павлина Зефиќ.

Стојановски пукаше во Тодоров непосредно пред тој да ја предаде должноста на новиот министер Арбен Таравари на 1 јуни минатата година. Обвинителството побара продолжување на притворот со образложение дека постои опасност обвинетиот да го доврши делото и да избега. Судот одлучи да го прифати барањето и му го продолжи притворот на Стојановски до правосилност на пресудата.

Михајло Видимлиски