Крикот на тишината, ТВ21 во Сребреница

810
0
АКЦИЈА

Сестрата на Сувади ги погребува посмртните останки на нејзиниот брат на 23 годишнината од геноцидот во Сребреница кога бил убиен од воените сили на Ратко Младиќ.

Најтешко му е на Мухамед. Тој имал само 5 години кога го убиле неговиот татко, а единствено нешто што му останало од него за спомен, е една фотографија.

Пораката што ја пренесоа тие кои денеска го посетија меморијалниот центар Поточари на одбележувањето на 23 годишнината од геноцидот, беше дека тоа што се случи не смее да се заборави и не смее да се повтори.

Оваа мајка се надева дека еден ден нејзиниот син ќе дознае што се случило со неговите роднини во Сребреница.

Посмртните останки на 35-те лица беа погребани, а една од ретките позитивни слики што можеше да се види тука, беа верските претставници кои без разлика на верата, беа обединети во одбележувањето на овој ден.

Некогаш, поголемиот дел од населението на Сребреница беа муслимани, а сега тие не се ни една третина од вкупниот број жители.

Тие што преживеале, никогаш веќе не сакаат да се вратат на ова место, бидејќи сега  е под Република Српска. За градоначалникот на општината, Младен Грујиќ, геноцид во Сребреница немало, а во неговите очи, Ратко Младиќ е херој.

Во јули 1995 година, во Сребреница брутално беа убиени околу 8,372 мажи, старци и деца, кои беа погребани во масовни гробници. Во ноември минатата година судот за воени злосторства во Хаг го осуди на доживотен затвор Ратко Младиќ, генерал на армијата на босанските Срби. Тој беше прогласен за виновен по 10 од вкупно 11 точки од обвинението. По 12 години бегство, Младиќ беше уапсен во мај 2011 година во околината на Лазаревац и екстрадиран во Хаг. Судот во Хаг во 2014 година изрече пресуда според која Холандија се смета за одговорна за смртта на повеќе од 300 жртви во геноцидот во Сребреница. Во пресудата се истакнува дека холандските мировни трупи не го заштитиле бошњачкото население кое се наоѓало во оваа енклава под заштита на Обединетите нации. Неколку години пред тоа, поточно во 2002, холандската влада поднесе колективна оставка по официјалниот извештај за Сребреница.

Фуркан Салиу