Рот: Договорот за името доказ дека е можно да се надминат и длабоките разлики

25
0
АКЦИЈА

Историскиот договор меѓу Грција и Македонија за спорот со името покажа дека е можно да се надминат и длабоките билатерални разлики, доколку се зголеми довербата и постои политичка волја, нагласи денеска државниот секретар во германското Министерство за надворешни работи, Михаел Рот.

Тој во соопштение, пред учеството на состанокот со шефовите на дипломатиите на западнобалканската конференција во рамки на Берлинскиот процес во Лондон, нагласи дека стабилноста и демократскиот развој на земјите во регионот е во интерес како на Германија, така и на Европа, како и дека се од особено значење за сопствената безбедност.

– Состанокот е  можност за земјите во регионот да ја подобрат регионалната соработка и со тоа да го поттикнат своето приближување до ЕУ, нагласи Рот.

Тој истакна дека со цел постигнување на раст на довербата, не само меѓу политичарите, туку и меѓу граѓаните, германската Влада ја поддржува работата на регионалната младинска заедница во рамки на Берлинскиот процес.

– Тука станува збор за помирување на идните генерации во регионот во кој раните од војните и натаму се присутни, рече Рот.