Ѕанакопулос: Кохерентноста на владата не е доведена во прашање

22
0
АКЦИЈА

СИРИЗА и Независни Грци ќе најдат урамнотежено решение, а кохерентноста на владата не е доведена во прашање, вели министерот без ресор на Грција и портпарол на грчката Влада, Димитрис Ѕанакопулос, во интервју за информативниот портал „Дикеологитика Њуз“ во однос на позицијата на коалицискиот партнер за Договорот од Преспа и ратификацијата од грчкиот парламент.

– Потсетувам дека господинот Каменос, јавно изјави дека има намера со Алексис Ципрас да продолжи до крајот на четиригодишниот мандат. Обезбедувањето на кохерентноста на владата не е доведена во прашање. Двете партии ќе продолжат да разговараат, како што секогаш го прават тоа, за условите и предусловите на нивниот заеднички тек во владата и сигурен сум дека како и секогаш, ќе се најде точката на урамнотеженост, вели Ѕанакопулос во интервјуто.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, портпаролот на грчката влада, уште еднаш го повторува неговиот став дека Договорот, во грчкиот Парламент, би добил најголемо можно мнозинство.

– Цврст стремеж на владата е штом нашите соседи ги завршат потребните обврски – оценувам најрано на почетокот на 2019 – Договорот да биде одобрен од националните претставници, со максимално можно мнозинство, коментира портпаролот на грчката влада и министер без ресор.