Обоено седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, партијата го смета за напад

1519
0
АКЦИЈА

Вечерва со црвена боја фрлена на повеќе места е оштетен влезот на седиштето на опозициската партија  ВМРО-ДПМНЕ во центарот на Скопје.

Партијата, на прес конференција половина час пред полноќ, соопшти дека се сомнева оти нападот доаѓа од  лица поврзани со власта, со цел “да го втурне ВМРО-ДПМНЕ во насилство за полесно да се делегитимира борбата против капитулацијата на Зоран Заев со договорот за  името”.

Игор Јанушев , генерален секретар на ВМРО- ДПМНЕ, додаде дека “власта преку провокации сака нов 27 -ми април, при што премиерот Зоран Заев би се прикажал како жртва, а ВМРО-ДПМНЕ би била оцрнета”.

Јанушев, кој чинот го оцени како напад врз демократијата, посочи и дека партијата има информации за оперативци од полициските  структури кои финансираат и подбуцнуваат насилство кон ВМРО-ДПМНЕ, во што се вклучени и лица од раководството на СДСМ.

ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека останува против договорот, пред една недела потпишан со Грција, со кој Македонија прифаќа географска одредница на името на државата – Република Северна Македонија.

Вечерва во центарот на Скопје се одржа протест против договорот со Грција за промена на државното име но и на Уставот на Република Македонија.