Борисов одби да се сретне со Иванов: Средбата би била предавство кон Ципрас и Заев

2765
0
АКЦИЈА

 

 

Иако за утре беше најавена средбата меѓу премиерот на Бугарија и претседателот на Македонија, сепак Бојко Борисов одлучи да ја откаже средбата со Ѓорге Иванов. Ваквата одлука на премиерот на Бугарија, Иванов ја нарече незрела.

„Да и мене сега ми беше соопштено, бев изненаден, но тоа е негова одлука и негова е и одговорноста, затоа што тој не е само премиер на Р. Бугарија, туку е и премиер на земја која претседава со Европската унија, а ЕУ промовира дијалог, конструктивност и отвореност и соработка“, истакна Иванов.

Според Борисов, по толку многу разговори и помош од негова страна за подобрување на односите помеѓу Македонија и Грција, средбата со Иванов би значела предавство кон Ципрас и Заев.

„ Ќе беше предавство доколку по она за што прочитав вчера, по средбата од 120 секунди меѓу премиерот Заев, министерот за надворешни работи и претседателот Иванов, него денеска да го пречекам со фанфари и почести. Затоа проценив дека денеска не е моментот“, додаде Борисов.

Борисов пред медиумите изјави дека и Алексис Ципрас и Зоран Заев се исклучително храбри премиери, кои како што рече ја имаат цела негова поддршка за решенијата кои се непопуларни и тешки за двата народа. Премиерот на Бугарија додаде дека ако нема  договор меѓу Македонија и Грција, земјата нема никаква шанса да мрдне напред, ниту кон НАТО, ниту кон ЕУ.

Александра Ѓорѓиева