За затворот на Груевски ќе се чека на Апелација, одбраната најави жалби, СЈО се двоуми

1992
0
АКЦИЈА

Специјалното јавно обвинителство нема да бара притвор за екс-премиерот Никола Грувески кој вчера доби осудителна пресуда за набавката на луксузниот мерцедес. Неофицијално, образложението е оттаму што се работи за ниска затворска казна, па до правосилност на пресудата притворот би истекол. Но за тоа дали Обвинителството ќе се жали за висината на определената казна ќе се одлучи откако ќе ја добијат пресудата од судијката Добрила Кацарска која треба да ја изготви во рок од 15 дена.

„Специјалното јавно обвинителство дополнително ќе процени дали ќе поднесе жалба за поголема казна до Апелациониот суд откако написмено ќе ја добие пресудата од Основниот суд Скопје 1“, велат од СЈО.

 

Откако обвинетите и Обвинителството ќе ја добијат пресудата и официјално ќе почнат да течат роковите за поднесување на жалби, по што целиот предмет ќе биде доставен до Апелациониот суд. Засега, сигурни жалби најавија адвокатите на Груевски.

„Не постојат причини за кривично гонење на ниту еден од обвинетите. Сигурно сме незадоволни и ќе вложиме сериозна жалба против ваквата пресуда на овој суд“, рече адвокатот Димитар Дангов.

Но, токму повисокиот суд не е врзан со конкретни рокови во кои мора да одлучи. Па така, откако ќе Апелација ќе го добие предметот „Тенк“ ќе се чека од таму да закажат седница. Но со одлуката на овој суд, пресудата станува правосилна. Ова е прва пресуда по петте обвиненија на Специјалното обвинителство со кои се соочува Груевски.  Поранешниот Уставен судија Трендафил Ивановски ја коментира како чекор за исправување на состојбите во судството.

„Добро е што Судот донесе таква одлука. Време е судството да излезе од калта во која е заглавено и да покаже дека не работи под никакви притисоци и закани. Со овие неколку пресуди ќе почне процесот на враќање на довербата во судството“, вели Трендафил Ивановски, поранешен уставен судија.

Поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски за случаите „Тенк“ и „Триста“ се соочува со 15 и полгодишна затворска казна. Груевски го чека исходот и од „ТНТ“, „Траекторија“, „Насилство во Општина Центар“ и „Титаник“, случај каде е обвинет за три кривични дела и му се заканува највисока затворска казна.

Михајло Видимлиски