Тасева: Фени Индустри полош отколку „Скопје 2014“

1257
0
АКЦИЈА

Финансиската полиција, Судскиот совет и Јавното обвинителство, треба да преземат мерки за да ги испитаат можните незаконитости во постапката за стечај на металуршкиот гигант од Кавадарци – Фени Индустри, вели директорката на „Транспаренси Интернешнл“ Македонија, Слаѓана Тасева. Таа на денешната прес-конференција истакна дека овој проблем е поштетен за буџетот на државата, отколку самиот проект „Скопје 2014“. Тасева побара од Судот во Велес да постапи согласно Законот за стечај и да го отфрли Планот за реорганизација на стечајниот должник, Фени Индустри, како ненавремен.

Од Синдикатот на вработените во Фени Индустри, велат дека се загрижени поради тоа што Тасева за надомест од 50.000 евра се нудела како адвокат на една од компаниите кои се вклучени во стечајната постапка. Велат дека се пожалиле до „Транспаренси Интернешнл“ во Берлин за нивната претставничка во Скопје, со цел Тасева да се откаже од застапувањето на интересите на „Кунико Ресурсис“, кој е концесионер на металуршкиот комбинат, а за кого тврдат дека е виновник за лошата состојба во компанијата, која довела до покренување на стечајната постапка.

„За нас е навистина нејасно, како една личност, во случајот г-ѓа Слаѓана Тасева која претставува светска реномирана организација, од која се очекува да се стави себе и организацијата која ја претставува во служба на граѓаните, може да заземе страна и да постапи по претставка без да направи вистинска проверка на фактите и податоците, да манипулира со информации, а да пласира дезинформации. Згора на сѐ, оваа личност да одржува прес-конеренција на која изразува неиздржани обвиненија, со што директно ги загрозува нашите работни места“, велат вработените.

Од Владата велат дека постапката за стечај се води според Законот за стечај со надлежните органи за зачувување на стечајниот имот, со цел да се одбранат интересите на доверителите. Од Кабинетот на вицепремиерот за економски прашања, објаснуваат дека внимателно ја следат ситуацијата и дека се стремат кон зачувување на јавниот интерес, поради тоа што „Фени Индустри“ брои над 700 вработени. Кон крајот на ноември минатата година, Основниот суд во Велес поведе стечајна постапка против „Фени Индустри“, поради условите во металуршкиот комбинат. Инаку, „Фени Индустри“е најголемиот индустриски капацитет во Македонија, кој започна со работа во 1982, додека во моментов придонесува најмногу во Бруто домашниот производ.

Аднан Ќаили