Утре лидерска за името: Владата без коментар за „Република Илинденска Македонија“

530
0
АКЦИЈА

Владата не сака да даде дополнителни коментари за информациите кои излегоа во јавноста, дека Заев вчера на Ципрас му го предложил името „Република Илинденска Македонија“. Од Илинденска број 2 велат дека нема да коментираат, бидејќи прво ќе го информираат лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, претседателот Ѓорге Иванов и другите политички лидери. Премиерот Заев лидерската средба ја најави за утре во 13 часот во Клубот на пратеници.

„Многу опции се разгледуваат. Една од опциите може да биде крај на процесот. Со комплетно решение кое што никогаш повеќе нема да отвора вакви проблематики помеѓу две соседни земји како што се Република Македонија и Република Грција“, рече Заев.

За предлог Илинденска Македонија слушнал и Красимир Каракачанов, вицепремиер и министер во Владата на Бојко Борисов.

„Сега дали ќе се вика Вардарска Македонија, Северна Македонија или како што најверојатно слушнав Илинденска Македонија, тоа нас не не интересира. Сепак, такво нешто сум слушнал“, рече Каракачанов.

Иако вчера не беа обелоденети детали кои предлози биле на маса сепак премиерот Заев истакна дека и постои една опција која што е прифатлива за двете страни, но претходно треба да се извршат консултации со политичките фактори во двете земји. Ципрас пак беше малку посталожен во изјавата, велејќи дека напредок во преговорите има но сепак земјите се уште не се во позиција да разговараат за договор кој би ставил крај на три деценискиот спор.

„Ги разгледуваме чекор по чекор сите детали. Не сме, се уште не сме во позиција да говориме за договор. Ќе постојат и следни чекори. Заедничка цел е да имаме резултат пред Самитот на крајот од јуни и неколку дена пред самитот на европските министри за надворешни работи“, порача Ципрас.

Според информациите грчкиот премиер Ципрас нема да губи време, па веднаш викендов ќе почне да ги брифира своите коалициони партнери, претседателот Павлопулос, но и лидерите на опозициските партии.

Антонио Крстевски