„Монструм“ обвинението за тероризам останува: СЈО најави проширување на истрагата за други осомничени

1045
0
АКЦИЈА

Фејзи Азири и Агим Исмаиловиќ, двајца од шестемина обвинети во случајот Монструм сведочеа на првото рочиште, откако предметот го презеде СЈО.

Специјалното обвинителство со истото обвинение за тероризам ги товари обвинетите Фејзи Азири, Алил Демири, Сами Љута, Африм Исмаиловиќ и Агим Исмаиловиќ.

Последниот од нив рече дека на 12 април 2012 година бил во својот дом и санирал канализациска цевка, а во меѓувреме работел и во интернет кафулето, што се наоѓа  во дворот на неговата куќа.

Фејзи Азири пак, рече дека тој ден бил на фармата во Белимбегово со тројца работници. Тој на прашања од обвинителите одговараше и за неколку телефонски повици.

„Во периодот од 12 април до 1 мај 2012 година, комуницирав со неколку политичари – Со Али Ахмети разговарав за партиски работи. На телефон разговарав со Изет Меџити и Невзад Бејта. На последниов му барав помош за земјоделски субвенции, а сличен разговор имав и со идниот директор на Агенцијата за храна и ветеринарство“, вели Азири.

СЈО го презема случајот Монструм од Основното Јавно Обвинителство, откако Врховен ги укина првостепената и второстепената пресуда на Кривичен и на Апелационен суд, со кои на 6-мина обвинети им беше изречена казна доживотен затвор, а потоа беа ослободени и беше донесена одлука тие да се бранат од слобода.

Обвинителката Фатиме Фетаи рече дека на Алил Демири и Африм Исмаиловиќ кои се во бегство, ќе им се суди во отсуство.

Нивниот адвокат, Насер Рауфи реагираше на прашањето на специјалната обвинителка упатено до Агим, да ја каже точната адреса каде се наоѓа неговиот брат.

За адвокатите на оштетените, новите сведоштва прибавени од СЈО, ќе придонесат за изрекување на  заслужената казна за петкратното убиство што се случи на 12 април 2012 година кај Смилковското езеро.

Од СЈО велат дека според Кривичниот законик, обвинението треба да биде исто како тоа од претходниот судски процес. Обвинителката Фетаи, меѓу редови рече дека со презентирањето на новите докази ова обвинение може да се измени и прошири и за други осомничени лица.

„Како што реков, ќе се презентираат докази кои што се презентирани и во текот на претходниот судски процес. Но, се разбира и нови докази кои ќе ги предложи СЈО и евентуално адвокатите. Зависно од презентираните нови докази, ќе има соодветни измени на фактичката состојба, со цел целосно да се расчисти случајот за сите тие кои што се опфатени со овој случај“, порача Фетаи.

Денешното рочиште се одржува еден месец по откажувањето на претходно закажаното рочиште, кога обвинетиот Фејзи Азири, не се појави во суд, поради, како што рече неговиот адвокат, од здравствени причини.

Тој, на 17 мај со полиција беше одведен во затворот во Шутка каде служи казна за друго кривично дело. Следното рочиште ќе се одржи на 23 мај, кога се очекува да сведочат обвинетите Хаки Азири и Сами Љута.

Аднан Ќаили