Не ја прифаќаат одлуката на властите: Дислоцираните продавачи на Бит Пазар на протест

2225
0
АКЦИЈА

 

 

Обединети и со заедничка мака, продавачите кои беа дислоцирани го блокираа булеварот „Крсте Мисирков“. Протеститраат токму на местото од кое до вчера заработуваа за парче леб.

„Ова е првиот чекор кој го преземавме, бидејќи тие не сакаат да изнајдат решение заедно со нас, да излеземе и да седнеме. Не сакаат да разговараме. Ние им велиме нека се среди пазарот и нека ни понудат решение. Продавачите од пазарот си заминуваат бидејќи не е среден, а нас, сакаат да нѐ сместат во разурнат пазар. Со оглед на тоа што тие не го решаваат нашиот проблем, ние самите ќе преземеме мерки.

Не ни ветија решение. Дојдоа тука и само ни рекоа треба да издржите и да ја надминете ситуацијата. Како да преживееме кога немаме како? Какво е ова решение? Ова не може да се нарече решение. Само ти замини…. како да заминам?, велат едногласно продавачите.

Продавачите бараат да останат каде што биле сѐ додека не заврши реконструкцијата на Бит Пазар. Но, од општина Чаир и Град Скопје, велат дека последното решение е да се сместат внатре во пазарот.

„Работиме во овој правец за доброто на сите, и на продавачите и на корисниците на патот. Разбираме дека продавачите кои работат на дивите тезги, вложуваат многу труд за да ја обезбедат својата егзистенција, и токму поради тоа, во соработка со „Скопски пазар“, им го понудивме просторот во пазарот и со поволни услови за нив“, порачаа од Град Скопје.

„Внатре во пазарот има доволно место, а во соработка со „Скопски пазар“, на продавачите не им е побарано да платат ниту кирија за тезгите“, додаваат од општина Чаир.

Продавачите бараат средба со градоначалниците на општина Чаир и на Град Скопје и најавуваат дека ќе продолжат да протестираат сѐ додека не се изнајде прифатливо решение. По завршувањето на проектот за реконструкција на Бит Пазар, се очекува сите продавачи да бидат сместени внатре во пазарот.

Сара Кајоли