Жална слика во Македонија: Секој 4-ти вработен работи прекувремено за џабе

548
0
АКЦИЈА

Секој четврти вработен во земјава одработува прекувремени  часови, но за нив не добива дневница плус. Ова го покажува најновото истражување на институтот „Finance Think“.

Анализата покажала дека во најголем минус се вработените кои месечно заработуваат минимална плата, бидејќи пресметките велат дека секоја изработена четврта недела  во месецот овие луѓе ја работеле за џабе – односно без надомест. ТВ21 подготви и графички приказ од податоците на истражувањето на Finace Think – еве ги бројките.

Најголем дел од  лицата на кои им се злоупотребува трудот се од Ромска припадност. Речиси половината од Ромите работат плус часови и тоа просечни 14 часа  во текот на едена седмица, кои не им се платени.

Следуваат Турците или близу 30 отсто од нив работат  17 часа прекувремено во текот на неделата. Кај Албанците пак, тие во текот на една недела работат во просек по 12 часа надвор од работното време, нешто слично како и Македонците.

Прекувремена работа

Роми 44,6%           прекувремена  работата    14Ч 23‘

Турци 28,7%            прекувремена   работата    16Ч  59’

Албанци 21,9%        прекувремена работат    11Ч   55’

Македонци 25%        прекувремена   работат     12Ч 17’

Што се однесува до половата застапеност, анализата покажува дека мажите работат во просек два часа прекувремено повеќе од жените или 13 наспроти 11 часа неделно.

Во проценти пак 28% од мажите наспроти 20 отсто од жените имале барем еден час прекувремена работа во текот на една седмица.

Овие податоци се вистинската слика за непочитување на работното време вели за ТВ21 Здравко Савески, активист за подобрување на  работничките права.

„Ако се работи толку долго прекувремено тогаш покрај плаќањето прекувремена работа, работниците имаат право и на бонус плата. Нормално газдите не се расположени да плаќаат ниту прекувремено, ниту да почитуваат број на часови прекувремена работа, ниту пак да исполнат бонус плата. Зошто газдите толку се збогатени во Македонија, не знаат ни колку пари имаат е токму ова е причината за тоа“, вели Савески.

Објаснување и став за овие податоци и бројки побаравме лично од  директорот на трудовиот инспекторат, Алајдин Хавзиу. Тој  потврдува дека има прекршување на законот, но и дека инспекторите секојдневно се на терен, но додава дека инспекторатот не е казнена експедиција.

Доколку во трудова биде пријавено дека не се почитува дополнителна исплата на прекувремените часови, првично следува опомена, а потоа испекторот врши едукација на раководните лица па дури потоа ако се констатира повторување на  истото дело следува глоба од три илјади евра за работодавачот.

Хавзиу апелира вработените да пријавуваат во инспекторатот злоупотреба на нивниот труд.

„Не можам тоа да го потврдам, но  можам да кажам дека тоа и се случува. Не знам статистички во која форма, но тоа се случува. Апелирам, до сите вработени во Република Македонија, кога има вакви случаи да се ослободат од комплекси, да доаѓаат во подрачните единици кои ги имаме 30, да се осмелат – да дојдат да пријавуваат, тоа можам да го порачам“, порача Хавзиу.

И ваквото прекршување на законот е еден од сегментите на неформалната економија која беше нотирана и во извештајот на Европската Комисија за земјава.

И покрај бројките кои ги добивме од трудовиот инспекторат каде во текот на ланската година се извршиле над 20 500 контроли и годинава заклучно месец март нешто над 4 500 контроли, состојбата на терен е далеку од  добра. Потребен е млад  кадар во инспекторатот, вели директорот Хавзиу , кој ќе биде обучуван според европските стандарди.

Иле Петревски