Објавен првиот повик за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија

420
0
АКЦИЈА

Првиот јавен повик за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија денеска е објавен на веб-страниците на Владата и на Фондот за иновации и технолошки развој.

Со него, и со наредните два повици кои се планира да се објават во јули и во последниот квартал од 2018 година, се предвидува до крајот на годинава да им бидат доделени 10,5 милиони евра на малите и средни претпријатија во земјава како што е предвидено за третиот столб на Планот за економски раст.

Со повикот, кој ќе биде отворен до 11 јуни, се повикуваат претпријатијата да ја искористат можноста за кофинансирање од страна на Владата што ќе се доделуваат преку Фондот за иновации и технолошки развој за една од четирите мерки.

Првата мерка е за брзорастечки компании и „газели“ на кои им се нудат по 10 милиони денари, односно 30 отсто од вкупно вложените средства за набавка на нова опрема и финансирање на развој на нова технологија, а се однесува на компании со до 250 вработени и минимални годишни приходи од три милиони денари.

Втората мерка се однесува за микро компании до пет вработени и годишен приход од три милиони денари на кои им се нудат до пет милиони или 30 отсто за набавка на технологии и изградба на хали. Третата се однесува за компании со доминантна сопственост на македонски граѓани на кои им се нудат до 20 милиони денари или 70 отсто од вкупниот износ на инвестирани средства за инвестициски развој и маркетинг, а четвртата е за поддршка на млади лица до 29 години за усовршување во странство за што државата им нуди до еден милион денари.

Критериумите за секој од столбовите и начинот на аплицирање заедно со апликациските форми се објавени на веб-страниците на Владата и на Фондот, а, како што беше посочено на денешната прес-конференција во Владата, евалуацијата ќе ја врши специјална комисија од надворешни стручни лица за која наскоро ќе биде објавен јавен повик за ангажирање стручни лица.

Во прв момент е предвидено да нема второстепена комисија за евалуација, а доколку има проблеми при распределбата на средствата ќе се формира во вториот и третиот повик што треба да бидат објавени до крајот на годинава.

– Со реализација на овој повик ќе се поттикне развојот на македонската економија и растот на БДП. Преку реализација на четирите инструменти од овој повик, првпат ќе се поддржат техничка помош и помош на развивање на организациските способности на компаниите, со кои се овозможува поддршка во набавка на опрема, градење на хали и создавање на нови производи. Преку овие мерки се овозможува поддршка до 30 отсто на инвестициите на брзорастечките мали и средни компании и на микро компаниите, како и до 70 отстотен поврат на инвестиции на компаниите за развој на нови иновативни производи. Развојот на иновативноста е иднината на економијата на Република Македонија, рече вицепремиерот за еконосми прашања Кочо Анѓушев.

Директорот на Фондот за иновации итехнолошки развој Јован Деспотовски посочи дека станува збор за кофинансирани грантови за мали и средни претпријатија преку кои државата со директна финансиска поддршка станува партнер во инвестициските проекти на компаниите.

– Со вложувањата во иновациите и технолошкиот развој ќе се обидеме и очекувам да успееме значително да го намалиме заостанувањето што го има македонската економијата во однос на Европската унија. За жал сега сме на една третина од економијата на ЕУ. За таа цел Владата за првпат вложува буџетски средства во иновациите и технолошкиот развој, рече Деспотовски.