Државата субвенционира купување на велосипеди, но недостигаат велосипедски патеки

299
0
АКЦИЈА

 

Од наредната недела започнува субвенционирањето за набавка велосипеди, но на скопските булевари нема доволен број на велосипедски патеки. Од Град Скопје велат дека изградбата на овие патеки беше проект на претходната влада, и дека тој е реализиран само во тие делови на градот каде улиците се пошироки.

 „Велосипедските патеки беа проект на претходната владата. Нивниот проект беше предвиден да заврши во 2017 година. За жал по завршувањето на мандатот иако буџетот предвиден за тоа прашање беше потрошен, проектот е реализиран само 40%. Град Скопје работи во тој правец и во неколку дела од градот веќе започнавме со изградбата на велосипедски патеки“, велат од Град Скопје.

 Од Град Скопје додаваат дека нивен приоритет е употребата на велосипедите, со цел зачувување на животната средина. Но, од друга страна, граѓаните постојано се жалат дека нема велосипедски патеки.

Ги нема ниту велосипедите кои граѓаните можеа да ги изнајмат и да ги употребуваат. Од ЈП Градски Паркинг, велат дека оваа година поради климатските услови, велосипедите ќе бидат пуштени во употреба од 1 мај.

„Проектот „Изнајми велосипед“ за оваа година се очекува да започне на 1ви мај. Почетокот на проектот зависи од временските услови. – На располагање ќе има 50 нови велосипеди“, велат од ЈП Градски паркинг.

Субвенционирањето на велосипедите е проект кој се реализира за прв пат оваа година, додека проектот “Изнајми велосипед“ се реализира од 2010 година. Постојат 5 локации за изнајмување на велосипеди и тоа на паркингот “Треска“ , “Градска Болница“, “8 септември“, и во Општина Аеродром на паркингот “Македонска Фаланга“.

Сара Кајоли