Прошетка на Водно – луксуз или рекреација, еден час паркинг 100 денари, секој следен е 50 денари?!

2287
0
АКЦИЈА

Зонското паркирање  се воведе и на средно Водно. Обележани се паркинг  местата на двата поголеми простори, а  поставени се и информативните табли на кои стои дека наплатата важи само за викенд до 16 часот. Цената  за првиот час е 100 денари а потоа за секој следен по 50. Граѓаните, на различен начин реагираат по оваа новина, едни сметаат дека  автомобили не се потребни на Водно,  други дека цените ќе ги избркаат посетителите.

Додека ја вршевме нашата новинарска работа, ни пристапи човек со документи во рацете. Тој тврди дека Град Скопје нема ингеренции да наплатува паркинг на оваа локација бидејќи како што вели нивните ингеренции завршуваат кај хотелот Панорама. Вели тој што го измисли ова прави кривично дело.

Но локалните власти го отфрлаа ова: Одлуката за наплаќање паркинг на Водно е донесена по регуларна постапка изгласана од Советот на Град Скопје, исто како во сите други паркинзи така и во овој,  Град Скопје има право да наплаќа паркинг услуги.

Како една од мерките против  загадувањето, градските власти во зимските месеци донесоа одлука воопшто да нема сообраќај на падините на Водно за викенд, што исто така наиде на критики. Во работните денови автобуската линија останува на секој час а за време на викендите двојно почесто. Го контактиравме и еколошкото здружение О2, од каде што велат дека ги поддржува сите мерки кои би го заштитиле Водно од загадување.

„Укинување на забраната за автомобили на Водно за време на викенди и замена со наплаќање на паркинг ќе овозможи повторно движење на автомобили, но на селективен начин. Менување на автоцентричните навики и култура се она што Град Скопје треба да го прави. Решение за зелено Водно е воведување на редовни и чести еко автобуси, минибуси, или такви на електричен погон“, велат од О2 Коалиција.

А за до врвот на Водно има две опции, автомобилот секако не е во игра.

Градските власти поставија и заштитна ограда на патот кон Средно Водно за да не се користат дивите паркинг места. Кога се спуштавме надолу  ја сретнавме и пајак службата , во акција. Оние кои решиле на половина пат да го остават своето возило и пешки да продолжат сега ќе требада платат казна за погрешно паркирање и за услугите на пајак службата.

Иле Петревски