Судот не успеал да го најде Мијалков, одложено судењето „Тортура“ за апсењето на Бошкоски

1005
1
АКЦИЈА

Поради отсуство на поранешниот шеф на УБК Сашо Мијалков, денеска беше одложено судењето за начинот на кој беше уапсен лидерот на ОМ Љубе Бошкоски во 2011, со прекумерна полициска сила и пред телевизиски камери.

Судските работници велат дека не успеале да го најдат Мијалков на адресата што Специјалното обвинителство ја навело во обвинението. Сега ќе се чека поканата да му биде врачена штом Мијалков се појави пред судскиот шалтер  да го пријави своето присуство во земјава, мерка кон него превземена во врска со друг судски предмет.

Останатите шестмина обвинети за апсењето на Бошкоски, припадници на полициската единица Алфи и самиот лидер на ОМ, како оштетен, беа во судница, но судијката сепак се реши за ново рочиште во мај, односно за второ одлагање на процесот, во која како докази се вклучени и 35 незаконски прислушувани телефонски разговори, од кои некои до сега неслушнати во јавноста, а други објавени. Во еден од нив се слушаат гласовите на Мијалков и на новинарот  Драган Павловиќ Латас.

Освен за Тортура, оваа недела беа одложени и други судски рочишта, од тие кон кои е свртено вниманието на јавноста, покренати од СЈО. Како аргументи за одлагање вообичаено се наведуваа настинки, отсуства, патувања. За дел од упатените, ова на некој начин претставува злоупотреба на  постапката. Поранешниот уставен судија Трендафил Ивановски смета дека целта е да се избега од правдата.

Иако поголемиот дел од судиите во скопскиот Кривичен суд уверуваат дека не се за одлагања, особено кога се работи за предметите од СЈО каде со правдата се соочени високи политички и бизнис фигури, сепак до сега за ниту едно од нив нема завршница.  Во земји познати по независност на судскиот систем, судиите освен што се должни да стигнат до правдата, тоа треба да го сторат и на најефикасниот можен начин, без непотребно трошење на парите од даночните обврзници. Во Македонија, особено за „високопрофилните“ судски процеси, јавноста главно брои одложени судски рочишта.

Михајло Видимлиски

1 коментар

  1. A zosto ne se privede za da bide dostapen sekogas koga e potrebno? Vo nivno vreme novinari, gragjani se drzea vo pritvor so god bez da napravat kriminal. So “nasledstvo” kako nivnoto moze da gi chekaat sudenjata vo pritvor.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР