Мичел: Сега е најголемата можност за решавање на спорот

623
0
АКЦИЈА

Премиерот Зоран Заев очекува помош од Соединетите Американски Држави во процесот на преговори за името. Тој по денешната средба со помошникот државен секретар задолжен за Европа и Евроазија, Вес Мичел, изјави дека во миговите кога е тешко, треба на помош да ги повикате своите пријатели, а особено стратешки партнери како што е САД. Заев вели дека почнува финалната фаза која ќе донесе достоинствено решение за двете страни, што во април ќе резултира со чиста препорака а во јуни со датум за преговори.

„Кога ви е тешко, мачно и чувствително, убаво е да ги повикате пријателите, тоа е така и во животот. Секој пријател на Македонија кој што ќе и помогне, вклучително и Грција, затоа што и таа е пријател на Македонија, е од помош, а особено стратешки пријатели како што се Соединетите Американски Држави“, рече Заев.

Решението за името може да го најдат само Македонија и Грција, со заеднички напори, изјави претставникот на американскиот Стејт Департмент. Мичел вели дека САД останува голем подржувач на процесот за наоѓање на решение за името и дека како и досега така и во иднина ќе се ангажираат за влез на Македонија во Европската унија и НАТО.

„САД ги поддржува Македонија и Грција во напорите да најдат заедничко решение за ова прашање. Единствена долгорочна опција ќе биде заедничко решение и мислам дека Македонија направи огромни чекори напред а исто така огромни чекори направи и Грција. Затоа среќни сме со напредокот кој беше постигнат и мислам дека има исклучителна можност поголема од било која што досега сме ја имале“, изјави Мичел.

Последните информации во грчките медиуми говорат дека на 22 март шефот на грчката дипломатија, Никос Коѕијас ќе допатува во дводневна посета на Скопје. Грчкиот весник „Та Неа“ пишува дека оваа посета ќе биде исклучително важна а разговорите ќе се концентрираат на  грчките но и македонските предлози. Оваа средба според „Та Неа“ е од исклучителна важност бидејќи ќе се разговара и за уставните измени. Меѓутоа министерот Димитров смета дека тоа што грчките власти постојано јавно повторуваат дека неопходни се уставни промени во Македонија, го отежнува преговарањето по оваа точка.

„Колку повеќе таа позиција се повторува во јавност, толку потешко ќе биде за неа да се преговара. И мислам дека многу покорисно ќе биде да зборуваме за цели, односно што е целта на разговорите за надминување на разликата околу името. Што е целта што сака Грција да ја постигне, а што е целта што сака Македонија да ја постигне“, рече Димитров.

Премиерот Заев за нацрт – спогодбата вели дека тој и Ципрас се договориле доколку некој документ би бил од помош, треба да биде разгледан. Меѓутоа двете страни се согласиле дека тој треба исто така да мине низ рацете на медијаторот Нимиц и да биде верификуван од Обединетите Нации.

Антонио Крстевски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР