Сите „копилиња“ пред Владата, Асани тврди дека го навредил Селмани

2333
0
АКЦИЈА

Тие што го пренесуваат гласот на другите, денеска се собраа за да го кренат сопствениот глас.

Новинари и медиумски работници протестираа пред Владата, барајќи слобода на говор и целосно расветлување на случајот со заканите кои Бекир Асани му ги упатил на претседателот на Здружението на новинари на Македонија, Насер Селмани.

Селмани побара Владата да понесе одговорност, поради тоа што, како што рече – Асани е функционер од редовите на владината ДУИ. Селмани смета дека заканите биле порачани директно од владиниот врв, за што вели дека поседува и докази.

„Бекир Асани во оваа историја е само алатка во рацете на оваа власт, а тој не е свесен за тоа. Но, ако тој избра да биде алатка на Заев, тоа е негов, а не мој проблем. Мојата обврска како новинар и претседател на ЗНМ е проблемот да го адресирам таму каде што му е местото. Оваа закана кон мене и моите колеги произлегува од Владата раководена од Зоран Заев“, истакна Селмани.

Претседателката на Независниот синдикат на медиумски работници, Тамара Чаусидис, истакна дека нападот врз претседателот на ЗНМ е напад врз сите новинари.

Денешниот протест доби поддршка и од владини функционери, дојдени од редовите на новинарите. Министерот за транспарентност и отчетност, Роберт Поповски, поранешен новинар, топката ја префрла на Јавното обвинителство, од кое побара да ја заврши својата работа и што поскоро да го реши случајот.

Но, на ова реагираа Селмани и Чаусидис. Селмани му порача на Поповски, да ги врзат нивните кучиња, пред да бидат скротени, како што рече.

Бекир Асани од своја страна негираше дека му се заканувал на Селмани, туку само дека го навредил.

„Јас му реков дека е копиле и пак повторувам дека е копиле, ништо повеќе. А што се однесува до тоа дали добил некаква закана од мојот брат, јас немам такво сознание. Тука не станува збор за ДУИ, ниту пак за Владата, чиј дел е ДУИ. Јас не можам да говорам во име на овие два органи, но уште еднаш ќе повторам дека јас зборувам исклучиво во мое име“, вели Асани.

Сѐ започна со инцидентот кај „Мавровка“, кога полицајка претрпе физичка повреда во обид да го отстрани возилото на Асани, паркирано непрописно.

Полицијата подоцна соопшти дека Асани вербално ја нападнал полициската службеничка, а таа самата се повредила од „пајак“ возилото. Во врска со случајот, претседателот на новинарското здружение побара од институциите вистината да излезе на виделина.

Селмани тврди дека добил закани од Асани и неговиот брат, за што пријавил во полиција и дека оттаму предметот е испратен во Јавното обвинителство. Обвинителството пак вели случајот се расветлува.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР