СДСМ во дилема околу Законот за јазиците, Заев негира дека има криза во парламентарното мнозинство

2084
1
АКЦИЈА

Резервите кај претседателот на Собранието, Талат Џафери, дека неколку пратеници од СДСМ можеби нема одново да гласаат за законот за албанскиот јазик, го натераа да ја откаже денешната седница, што самиот ја свика вчера. Таквите резерви ги немаше на претходната координација на која присуствуваа претставници од Владата.

„Јас барав парламентарно мнозинство токму поради фактот дека во парламентарното мнозинство, во СДСМ имаше резервираност во некои делови, иако не искажана директно како таква, туку од информациите што јас во нормалната комуникација ги обезбедив во потребно време за да знам како тие ќе се однесуваат на пленарната седница, констатирав дека ќе има проблем со гласањето“, вели Џафери.

Џафери за ова го информирал премиерот Зоран Заев, кој пак побарал време за да ја разгледа ситуацијата, па од спикерот добил една недела. Според информациите на Џафери, опозициската ВМРО-ДПМНЕ го условила премиерот со бојкот на Парламентот,  доколку се гласа за законот без дебата за 35-те илјади амандмани што ги поднесе партијата.

„Од информациите кои ги имам, излегува дека опозицијата ја условила СДСМ дека откако ќе се надмине прашањето за усвојување на законот за јазиците во форма за која јас ги информирав во текот на комуникациите што ги имав со опозицијата и со мнозинството, тогаш опозицијата ќе се откаже од меѓусебните разговори и од целиот реформаторски процес“, додаде Џафери.

Но премиерот Заев негираше. Во разговор со новинарите рече дека немало никакво условување од Христијан Мицковски, и дека седницата беше откажана поради немање кворум.

И Заев и Џафери отфрлаат дека се работи за криза во парламентарното мнозинство. Претседателот на Собранието додава дека Деловникот за работа дава можност да се избере методот за процедурата низ која треба да помине законот за јазиците, а постапката може да се заврши до крајот на следната седмица.

Според него, прашањето за унапредување на статусот на албанскиот јазик во Македонија е разјаснето и со меѓународниот фактор, а целта е да се изгласа за да не се остава простор за отворање на други етнички теми, како што вели, по што фокусот на политичарите ќе може целосно да се сврти кон преговорите со Грција околу спорот за името на Македонија.

Вицепремиерот Бујар Османи, обидите на ВМРО-ДПМНЕ за блокирање на законот, ги нарече последни удари на деструктивните и анти-европските сили.

„Генералниот секретар на НАТО, од собраниската говорница ни честиташе за усвојувањето на законот за употреба на јазиците, со што,на индиректен начин  порача дека тоа е предуслов за интеграцијата во НАТО. Секој обид за попречување на овој процес е препрека на патот на земјава кон евро-интеграциите“, истакна Османи.

Но, ВМРО-ДПМНЕ стои на ставот дека законот треба да се повлече, а потоа да се подготви нова верзија во соработка со опозицијата, која ќе се однесува на унапредување на употребата на јазиците на сите етнички заедници во земјава.

Фуркан Салиу

1 коментар

  1. Господинот Бујар себе се смета за европеец заборавајки дека всушност е член на партија на тепачи на жени. Каков јадник.

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР