„Траекторија“ заглави во приговори – Груевски: Се чувствувам како да доаѓам на работа

1125
0
АКЦИЈА

СМС пораките да не бидат докази во постапката, побара екс премиерот Никола Груевски на денешното рочиште за случајот Траекторија. Овој процес никако да започне. Уште од старт заглави со приговори на адвокатите кои бараа отфрлање на вештачењата, издвојување на дел од доказите но имаа и низа други забелешки. Но денеска судијата Горан Бошевски пресече.

„Предлогот да се одбие вештачењето се одбива како неоснован. Релевантноста на доказите може да се спори во текот на постапката кога ќе бидат изведени. Во врска со аудио – снимките, независно како се креирани СЈО ги прибавило на законит начин“, рече Бошевски.

 Откако ја соопшти одлуката Груевски се обрати до судечкиот совет. Најсомнителен за него е начинот на кој Специјалното обвинителство ги добило СМС пораките. Убедуваше дека нивната содржина можеби се менувала во СЈО, но и дека можеби СДСМ ги доставила на обвинителството веќе изменети. Пред медиумите се пожали дека оваа постапка е политички прогон против него, а судиите работат под притисок.

„И гледаме едно заробено судство. Гледаме и судии кои се во непријатна ситуација. Извршен е притисок врз нив. Свесни се дека за некои работи постапуваат незаконски. Си го погазуваат сопствениот интегритет затоа што имаат притисок. И кога читаат некои од одлуките, ги читаат толку бргу за што побргу да заврши срамот“, рече Груевски.

Обвинителката од СЈО Лиле Стефанова на ова одговори дека Груевски од мобилен телефон го читал истиот приговор на еден од неговите адвокати за кој судот веќе одлучил, но и реагираше дека приговорите на одбраната се со цел да се одолговлече процесот.

Одбраната бараше време за да ги преслуша аудио снимките пред да го даде воведниот збор. По што судијата се согласи и следен термин го даде 1 март. Но во меѓувреме Груевски ќе треба да доаѓа во скопскиот кривичен суд на рочишта по другите предмети во кои е обвинет.

Освен Груевски, во случајот Траекторија обвинети се и екс министрите во неговата влада Миле Јанакиески и Владимир Пешевски, но и поранешниот директор на Агенцијата за државни патишта Љупчо Георгиевски. Според СЈО во периодот на 2012 и 2013 година во постапката за избор на компанија за изградба на патните правци Миладиновци – Штип и Кичево – Охрид ги искористиле и пречекориле своите овластувања.

Михајло Видимлиски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР