Недостиг на лекови за ретки болести

394
0
АКЦИЈА

Иако пред нова година имаше итна набавка на лекови за ретки болести, стануваше збор за краткорочно решение. Сега се очекува да се направи редовна набавка за да им се обезбедат на пациентите потребните лекови. Од граѓанското здружение за ретки болести „Живот со предизвици“ велат дека редовната набавка на овие лекови е многу важна за пациентите.

Директорот на Агенцијата за лекови, Роберт Бекировски не одговори на прашањето кога ќе се набават лекови за ретките болести, велејќи дека за тоа е одговорно министерството за здравство. Тој додаде и дека заедно со Министерството за здравство и фондот за здравство, работат на изнаоѓање на систематско решение за ова прашање.

Од Министерството за здравство известија дека редовно ги следат потребите и во континуитет се обезбедува терапијата за ретките болести. Оттаму велат дека во Буџетот на Министерството за здравство за 2018 година за Програмата за лекување ретки болести се предвидени 224 милиони денари или околу 10 милиони повеќе, во споредба со 2017 година.

„Министерството за здравство во 2017 и на  почетокот на оваа година во континиуитет спроведува постапки за јавни набавки на лековите за ретки болести, предвидени во планот за јавни набавки, за нив се склучени договори и тие се дистрибуираат до соодветните клиники. Набавките се одвиваат тековно како дел од обврските на Министерството за здравство и тие се во согласност со искажаните барања и потреби на јавните здравствени установи“, велат од МЗ.

Од граѓанското здружение за ретки болести „Живот со предизвици“ бараат што поскоро да заврши регистрацијата на лицата со ретки болести, започната во 2015 година. Од оваа здружение информираат дека иако се регистрирани околу 400 пациенти, реалната бројка на лица со ретки болести е околу 2000 пациенти.

Бајрам Мемети

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР