Законот за јазици пристигна во Вила Водно, Иванов не одговара дали ќе стави вето

866
0
АКЦИЈА

Претседателот на државата не најде време да се изјасни дали ќе го потпише законот за јазиците. Иако ТВ21 ги контактираше членовите од неговиот тим, како и лично Иванов, тој не одговори. Во својот пред новогодишен говор, претседателот рече дека не планира да го прифати овој закон.

Доколку Иванов не го потпише законот во рок од 10 дена, по истекот предвидениот рок, законот ќе треба повторно да се врати во собрание во рок од 30 дена на трето читање, што подразбира повторно гласање. Претседателот на Собранието, Талат Џафери, пред еден ден рече дека не го негира фактот дека претседателот Иванов може да го блокира законот, и побара негов придонес за неговото усвојување. Овој закон стапува на сила по неговото објавување во Службен весник на РМ. Институциите на централната и на локалната власт имаат рок од 6 месеци да ја подготват имплементацијата на законот за јазиците. Министерот за правда, Билен Салији, рече дека во рок од една година, сите закони треба да се усогласат со начелата за употреба на јазиците, и тоа, на македонски, албански и англиски јазик.

„Во рок од 6 месеци ќе започне имплементацијата на член 7, што предвидува сите локали и државни органи да имаат натписи на македонски, албански и англиски јазик. Во рок од една година, сите закони треба да се усогласат со начелата за употреба на јазиците. Друга новост што ја предвидува законот за употреба на јазиците, е да се формираат други две нови институции за спроведување и имплементација на овој закон во пракса“, рече Салији.

Униформите на полицијата, на пожарникарите како и на здравствените работници ќе бидат и на албански јазик. Членот 8 од законот за употреба на јазиците, прецизно одредува дека двојазични униформи  ќе има во Скопје, како и во сите општини во кои живеат други заедници кои сочинуваат најмалку 20% од населението. Елементи од албанската култура ќе има и на парите, а двојазични ќе бидат и поштенските марки.

Освен комуникацијата со албанското население која треба да се одвива и на албански јазик, и веб страните на државните институции ќе треба да бидат и на албански јазик. Законот јасно одредува дека претседателот на Собранието како и претседателот на комисиите во Собранието, имаат право да ги водат седниците на јазикот што го говорат најмалку 20% од граѓаните. Двојазични треба да бидат и таблите пред институциите. Големината на натписите ќе биде иста, а според законот, првиот натпис да биде на македонски јазик.

Зимер Јашари

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР