Законот за јазиците и помага на земјата на евроинтеграцискиот пат

1376
0
АКЦИЈА

Според претседателот на ДУИ, Али Ахмети, гласањето на законот за употреба на јазиците беше очекувана момент. Тој вели дека исто така се очекуваше опозициската ВМРО-ДПМНЕ да не присуствува на оваа седница.

„Јас мислам дека не постои никаква причина да не добие поддршка од партиите и тоа од сите партии, освен од најголемата опозициска македонска партија, која што не учествуваше во работата на Собранието“, порача Ахмети.

Во реакција од Алијанса за Албанците, се вели дека заслугите за овој закон им припаѓаат на Албанците. Претседателот на оваа партија Зијадин Села вели дека овој закон е за доброто на Македонија.

„Овој закон е богатство за Македонија. Ја прави поправедна, поеднаква, ги вклучува сите граѓани“, вели Села.

Според пратеникот Весељ Мемеди, новогодишните празници се причината поради која овој закон се гласа на второ читање. Според него, исто така, очекува опозицијата да се врати во Собрание.

„Верувам дека беа оправдани очекувањата дека и македонската опозиција ќе учествува во Собранието, со цел да немаме некакво оправдување утре дека не учествувале“, додаде Мемеди.

И парламентарната група на Движење Беса, според пратеникот Неџбедин Кахремани, функционира обединето кога станува збор за законот кој што ќе и помогне на Македонија на евроинтеграцискиот пат. Пред да биде ставена точката на дневен ред Кахремани рече дека сите пратеници од оваа партија ќе гласаат за законот.

„Да, од нашата партија да, едногласни се, ќе гласаме за законот“, изјави Кахремани.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ, во писмената реакција се вели дека изгласувањето на законот за двојазичност, како што го нарекуваат, е противуставен.

„Со овој чин власта покажа дека највисокиот правен акт, Уставот на државата за неа е само мртво слово на хартија. Овој закон беше донесен со измама, односно лажно исцртување на европско знаменце, со што беа злоупотребени процедурите за донесување на закони од важност за интеграција на земјата во ЕУ. Власта треба да сноси одговорност за оваа манипулација со граѓаните“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Возвратија од владејачката СДСМ. Оттаму тврдат дека се е според уставот.

„Измените на Законот за употреба на јазиците, што Собранието ги усвои денеска, се во согласност со Уставот на Република Македонија и амандманот 5, донесен пред 17 години.

Со усвоените измени не се загрозува уставната положба на македонскиот јазик и неговото кирилско писмо како службен јазик на целата територијата, како и во меѓународните односи, а се унапредува употребата на јазиците на сите заедници во Република Македонија“, реагираат од СДСМ.

Реакции пристигнаа и од Албанија. Албанскиот премиер Еди Рама, на својата Фејсбук страна напиша дека законот за јазиците ја зајакнува Македонија.

Од друга страна, претседателот на Демократската партија, Љуљзим Баша, го оцени ставот на македонските политички партии за поддршка на законот, како придонес за соживотот во Македонија.

Според екс премиерот на Албанија, Сали Бериша, спроведувањето на законот за јазиците ќе значи историска победа на Албанците во Македонија.

Во знак на револт против гласањето на законот, мала група граѓани попладнево кусо протестираше пред Собранието на Република Македонија.

Бесир Арифи

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР