Далеку од очите на јавноста, средба меѓу Коѕијас и Димитров на тајна локација

625
0
АКЦИЈА

Во тајност и далеку од очите на јавноста, се сретнале министрите за надворешни работи на Македонија и Грција.

Иако средбата официјално беше најавена сепак локацијата и времето не беа откриени, ниту од македонското ниту од грчкото министерство.

Иако се шпекулира дека состанокот се одржал во Солун, сепак никој не сака да го потврди тоа, а одговорот од МНР беше дека по барање на нивните грчки колеги не можат да дадат никаква информација.

Меѓутоа соопштенијата испратени од кабинетите на двајцата министри во кои беше најавена средбата се речиси идентични, а во нив стои дека фокусот на разговорите се прашања од билатерален карактер и зајакнување на мерките за градење доверба.

Досегашните средби не беа од затворен формат туку со присуство на јавноста, а според многумина тајноста на овој состанок е поради информациите дека на средбата која Бујар Османи завчера ја имаше со шефот на грчката дипломатија, од страна на Коѕијас бил понуден предлог за името.

И додека двете страни преговараат и се обидуваат да најдат решение на спорот, Европската унија будно го следи процесот, за што говори и последната изјава на портпаролот на Европскиот парламент, Маја Коцијанчич.

„Одржувањето на добрососедските односи вклучувајќи ги и преговорите за наоѓање на заедничко прифатливо решение за спорот за името, под медијаторство на ОН е од исклучително значење. Ние го поздравуваме напредокот, чекорите кои беа направени, и како што кажа Маргаритис, ќе продолжиме да го следиме процесот“, вели Коцијанчич.

Меѓутоа грчкото општество е поделено кога станува збор за употребата на зборот Македонија во сложеното име.

Кон тие кои одбиваат такво нешто се приклучи и Грчката православна црква, меѓутоа доби експресен одговор од владата на Алексис Ципрас дека црквата се меша во државни и дипломатски случаи за сериозни национални прашања од надворешна политика, а во исто време бара од државата да не се меша во црковните прашања.

Според најавите на 21-ви месецов во Солун ќе се оддржи голем протест против употреба на терминот Македонија, а ќе учествуваат пратеници и министри од партијата „Независни Грци“, на Панос Каменос.

Во меѓувреме јавноста ќе го почека состанокот меѓу медијаторот Метју Нимиц и преговарачите Наумовски и Василакис  каде според најавите на маса ќе биде изваден нов предлог. На 17 јануари во Њујорк, најавена е нова средба на медијаторот Метју Нимиц со преговарачите Васко Наумовски и Адамантиос Василакис.

Антонио Крстевски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР