Џафери-Дармановиќ: Македонија и Црна Гора немаат отворени прашања, да се интензивира соработката

67
0
АКЦИЈА

Претседателот на македонското Собрание, Талат Џафери оствари средба со црногорскиот министер за надворешни работи Срѓан Дармановиќ, кој престојува во еднодневна посета на Македонија.

Од собраниската прес-служба информираат дека Џафери изразил задоволство од средбата со висок претставник на држава од соседството со која Македонија нема отворени прашања и нагласил дека треба да се искористат сите можности за поинтензивна економска соработка за што е потребно да се надополни правната рамка меѓу двете држави.

Поздравувајќи го членството на Црна Гора во НАТО и напредокот во преговорите за членство во Европската Унија, Џафери изразил уверување дека наскоро и Република Македонија ќе ја достигне клучната точка на својот пат – полноправно членство во НАТО и добивање датум за преговори со ЕУ. Тој нагласил дека приоритет на државата е да ја зајакне комуникацијата со соседите и преку отворен дијалог да ги решава тековните проблеми и да гради мостови за соработка.

Претседателот на македонското Собрание информирал и за одржаните локални избори, кои според оценките на меѓународните набљудувачи, се спроведени во согласност со меѓународните стандарди.

Црногорскиот министер истакнал дека Македонија веќе ја гледа како идна членка на НАТО Алијансата и изразил уверување дека земјата наскоро ќе ги отвори и преговорите со ЕУ. Тој ја потенцирал успешната билатерална соработка во одбраната и културата и изразил надеж дека со воведувањето на авионската линија Скопје – Погорица – Сараево, ќе се отворат можности за унапредување на туристичката соработка. Според Дармановиќ, формирањето на мешовитата економска комисија ќе даде дополнителен импулс за поинтензивна економска соработка.

Тој се осврнал и на важноста на регионалната соработка како клучен елемент за стабилизирањето на регионот, во однос на пристапувањето во Европската унија посочил дека Црна Гора се залага за т.н. принцип на регата, според кој, земјите стануваат членки на Унијата кога ќе постигнат резултати.

На средбата, на која присуствувале и членовите на Парламентарната група на македонското Собрание за соработка со Парламентот на Црна Гора, е потенцирано дека малцинствата во двете држави се исклучително значаен фактор во меѓусебните односи и се мост на поврзување и пријателство.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР