Пратениците посветени на мобилните телефони – Собранието и по 15 дена расправа е блокирано

410
0
АКЦИЈА

Во полупразна сала и реторика слична како и претходните денови пратениците ја продолжија конститутивната седница. Главниот збор денеска имаше пратеничката од ВМРО ДПМНЕ Лилјана Затуроска која бараше одговори околу како што рече договореното со Тиранската платформа. Но со реплики и враќаа нејзините сопартијци. Единствено Фадил Зендели од БЕСА им порача дека треба да се фокусираат на деблокирање на институциите а не да обвинуваат дека Декларацијата на албанските партии е камен на сопнување. Затуроска врати дека “жешкиот костен” сега е кај лидерот на социјалдемократите.

„Лидерите на албанските политички партии и порано се имаат среќавано со лидерите на албанската држава, ќе се среќаваат и сега, ќе се среќаваат и во иднина и тука нема ништо лошо. Меѓутоа тоа што е значајно за ова собрание и за државните институции е дека претставниците на албанските политички партии и ние како пратеници делуваме и политички и институционално внатре во ова собрание“, изјави Фадил Зендели – БЕСА.

„Вакви пост изборни платформи анти- македонски кои одат на урнисување на унитарноста на државата не ни се потребни. Сега жешкиот костен е во рацете на Зоран Заев и нека размисли дали ќе го присвои или отфрли“, изјави Лилјана Затуроска – ВМРО ДПМНЕ.

И од Алијанса за Албанците процедурално им порачаа на пратениците од ВМРО ДПМНЕ дека Декларацијата придонесува кон стабилизација на земјата. Пратениците од СДСМ и денеска повремено се јавуваат само со процедурални забелешки до претседавачот со седницата Трајко Вељановски да го почитува собранискиот Деловник.

„Се обидувам да сфатам кои се овие стратешки интереси на Македонците кои се загрозуваат со оваа Декларација почнувајќи од најголемиот интерес од државата, иако  државата е стратешки интерес на граѓаните а не само на Македонците.  Оваа Декларација е придонес за стабилизација како и понатамошна стабилизација на државата. И нема ни еден убедлив аргумент со што се загрозува македонскиот јазик со оваа Декларација“, изјави Сурија Рашиди – Алијанса за Албанците.

„Во оваа ситуација станува сосема јасно за македонската јавност дека се говори за сѐ и сешто само не за она што е интерес во моментов, а тоа е мирен трансфер на власта. Почетнички го кочите изборот на претседател на Собранието и ова покажува дека ВМРО ДПМНЕ дефинитивно концептот за начинот на владеење на демократијата во една сериозна држава, го има изгубено и токму од овој аспект се повикувам на членот 90“, изјави Бетиане Китев – СДСМ.

На 15 продолжение од собраниската конститутивна седница се отвораат безброј теми но никако не се дискутира по точките на дневен ред – избор на Комисијата за избори и именувања и нов собраниски спикер. Социјалдемократите уште претходната недела најавија дека имаат стратегија во рамки на Уставот за деблокада на законодавниот дом при што ќе изберат нов претседател на Собранието, но засега ниту ја откриваат ниту ја спроведуваат.

Михајло Видимлиски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР