Тевдовски се правда со ниската камата на задолжување, но не кажа детали,  колку пари за што ќе се користат

525
0
АКЦИЈА

По синоќешното писмено објавување дека Министерството за финансии преку издавање на еврообврзница  се задолжило на меѓународниот пазар  половина милијарда евра, денеска министерот Тевдовски се обиде да образложи за што ќе се трошат парите. Ги напомена капиталните инвестиции и платите за административците, но и враќање на стари долгови. Тевдовски неколку пати повтори дека клучно за ова задолжување било ниската каматна стапка по која ќе се враќаат парите, а таа изнесува 2,7%.

„За прв пат со оваа каматна стапка Македонија има практично стапка на камата која што е пониска од очекуваниот раст на економијата . И тоа значи дека растот би требало да го намалува долгот.  Тоа е успешно менаџирање на јавниот долг“, рече Тевдовски.

Од опозициската партија ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека парите од новото задолжување власта  нема да ги искористи за проекти од кои корист ќе имаат граѓаните.

„Граѓаните на Република Македонија ја видоа сета деструкција на власта и антидржавните политики кои ги спроведуваат. Ја задолжуваат Македонија за половина милијарда евра, а парите  кои ќе ги трошат за задоволување на мегаломанските потреби“, велат од ДПМНЕ.

На ова задолжување реагираа и од Институтот за економски истражувања, „Finance think“. Експертите сметаат дека јавноста не  била навремено информирана за овој потег на власта која ветуваше отвореност и транспарентност.

„Граѓаните мора да знаат за што се трошат нивните пари, и особено парите од високи задолжувања како ова. Finance Think остро се спротивставува на понатамошното користење на флоскулата “средствата од еврообврзницата ќе се користат за буџетски потреби”, велат од Finance Think.

 Ова е шеста по ред еврообврзница која ја издава земјава. Во 2005 година беше издадена првата вредна 170 милиони евра со каматна стапка од 4,6 отсто. Четири години подоцна  беше издадена втората во висина од  175 милиони евра со камата 9,9 проценти.  Во 2014 година се издаде третата во вредност од 500 милиони евра со камата речиси 4 отсто, а една година подоцна  четвртата – 270 милиони евра и камата  стапка од 4,9 проценти. Во 2016 година еврообврзницата беше 450 милиони евра, а каматната стапка 5,6 отсто.

Иле Петревски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР