Минатите состави на ДИК без бонуси, Владата бара кратење на непродуктивните трошоци

1472
0
АКЦИЈА

Претходните состави на Државната изборна комисија не земале ниту приближно големи бонуси како што тоа е случајот со сегашните членови. Екс-претседателот на ДИК Борис Кондарко, во телефонски разговор за ТВ21 вели дека во периодот кога тој раководел со Комисијата, не земале никакви бонуси за спроведување на изборите и прекувремените работни часови.

Кондарко за ТВ21 меѓу другото потенцира дека во периодот од 2011-та до 2013-та за разлика од сега, Комисијата добивала покритие на реалните патни  трошоци, односно во висина на гориво и патарини.

„Во периодот од 2011-та до 2013-та година кога јас ја извршував функцијата претседател на ДИК, не се земаа бонуси како што сега е случај. Не се земаа надоместоци за храна, а за патни трошоци во време на изборната кампања и изборите, членовите на Комисијата земаа реални трошоци патарина и гориво“, вели Кондарко.

Стево Пендаровски кој функцијата претседател на ДИК ја извршуваше од 2005-та до 2006-та година вели дека тогашниот состав за разлика од актуелниот, не бил редовно вработен во ДИК.  Нивните примања, односно паушали биле далеку пониски вели Пендаровски.

 „Во периодот кога јас бев претседател на Државната изборна комисија, односно од 2005-та до 2006-та година, телото не беше професионализирано. Ние не бевме вработени во Комисијата, работевме само за време на изборите а по нивното одржување делевме паушал. Тој се движеше во границите од 650 до 700 евра“, смета Пендаровски.

Од Социјалдемократскиот сојуз на Македонија побаравме одговор, дали размислуваат да побараат оставка од двајцата членови на ДИК, кои влегоа по предлог на партијата. За ТВ21 одговорија дека Државната изборна комисија е независна институција и секоја нивна активност треба да биде јавно и транспарентно презентирана во јавноста.

„Јавноста со право е загрижена и реагира на последната одлука на ДИК за распределба на дополнителни средства за ангажманот на нејзините членови, без притоа јавно и транспарентно да бидат образложени причините и критериумите врз основа на коишто тоа е направено. Очекуваме членовите на ДИК со своето понатамошно постапување да докажат пред јавноста дека се свесни за пропустот и дека ќе најдат начин да постапат согласно очекувањето на граѓаните на Република Македонија“, порачуваат од СДСМ.

Од Владата и министерството за финансии немаат информација колку пари членовите на ДИК поделиле за бонуси, истакна владиниот портпарол Миле Бошњаковски. Ставот на Владата е дека мора да се скратат сите непродуктивни трошоци.

„Владата на Република Македонија многупати до сега се има изјаснето дека сите овие да ги наречеме ненаменски трошења на пари, непродуктивни трошоци, дека е потребно нивно кратење во целост и превенирање во иднина да не се случуваат вакви работи“, истакна Бошњаковски.

Од невладината ЦИВИЛ, за ТВ21 велат дека иако неколку пати барале пристап до информации за трошоците на ДИК, , сепак добиле негативен одговор.

„Проблемот лежи во начинот на кој беше изнудена таа седница и во тоа што тие не останаа, односно не се чувствуваа должни да не известат за колкава сума се работи“, додава Билјана Јордановска од ЦИВИЛ.

Седницата која вчера ја одржа ДИК, каде беше одлучено четирите бонус плати кои ги земале за локалните избори или да ги вратат во Буџетот на државата или да ги донираат беше закажана под притисок на јавноста.

Антонио Крстевски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР