Хан следната седмица доаѓа во Скопје: На 21-ви ноември продолжуваат преговорите за името

496
0
АКЦИЈА

Најдоцна до 21 ноември преговарачките тимови на Македонија и Грција ќе се сретнат со медијаторот Метју Нимиц. Вакви се очекувањата на премиерот Зоран Заев кој од Љубљана изјави дека преговорите и контактите меѓу преговарачките тимови и посредникот на Обединетите нации ќе се интензивираат во периодот кој следува.

Заев вели дека ги прават сите напори да изградат национален консензус по ова прашање, заедно со претседателот Иванов и опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„Градиме пријателски односи со Република Грција и во ваква пријателска атмосфера јас верувам лично, искрено, дека е можно да се најде решение и на ова горливо прашање. Така да, Македонија, влегува во обид кој што се надевам дека ќе биде последен, со конечна цел, решавање на проблемот кој што Грција го има со нашето уставно име“, вели Заев.

Паралелно со пораките кои Заев ги испраќа од Љубљана по средбите со словенечкиот државен врв, во Брисел шефот на дипломатијата Никола Димитров, и вицепремиерот за евроинтеграции Бујар Осман, се сретнаа со потпретседателката на Европската комисија Федерика Могерини.

Османи на високата претставничка за надворешна и безбедносна политика и го пренел ставот на Владата дека, Комисијата мора да ја вметне и Македонија во стратегијата за проширување на Унијата.

„Нашата одлука е дека процесот на интеграции треба да се издвои на над партиско, над етничко, односно на над национално ниво и да постигнеме консензус на сите општествени чинители на нашиот пат кон евроинтеграциите“, вели Османи.

„Новата Влада што се роди после една долга и тешка, морална, политичка и институционална криза е влада што има едно основно и суштинско ветување кон граѓаните, а тоа е да се работи на градење независни и функционални институции“, додава Димитров.

Димитров и Османи имаа средби со министрите за надворешни работи на земјите членки на унијата но и со еврокомесарот за проширување Јоханес Хан.

По средбата, Хан на социјалните мрежи откри дека следната недела ќе допатува во Скопје, за да се сретне со сите политички партии но и со цивилното општество.

„Ја поздравуваме и почитуваме интенцијата да се работи со сите политички чинители вклучително и со опозицијата, но за тоа секако ви е потребна конструктивна опозиција“, додава Хан.

Шефицата на европската дипломатија, Могерини побара конкретни резултати од реформските политики на земјата.

„Нов оптимизам, силна посветеност, што ни дозволува повторно да го ставиме фокусот и целата наша енергија на реформите кои им се потребни на граѓаните и кои ги сакаат, и на евроинтегративниот пат на земјата а се разбира и на целиот регион“, изјави Могерини.

Могерини одговарајќи на прашање истакна дека не е загрижена за други влијанија врз Балканскиот полуостров, и дека границите на сите шест земји од регионот се всушност граници на Европската унија.

Антонио Крстевски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР