Газдите кои бараат дел од платата назад ќе добијат високи казни

867
0
АКЦИЈА

Над 90 отсто од случаите, работодавачите го почитувале законот и исплатиле минимална плата, но сепак има проблематични газди кои не се придржуваат на правилата, покажуваат податоците на УЈП. Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска ги охрабрува работниците кои се принудени на газдите да им враќаат дел од платата која ја добиваат, да пријават злоупотреба на законот.

„Многу е важно да имаме сведоци за тоа, треба да се покренат постапки не само што е прекршок, туку е и кривично дело од работникот да земате назад пари или да исплаќате плата на рака. Така да јас ги замолувам сите работници да се охрабрат и конечно да ја завршиме оваа работа за злоупотреба на работната сила во компаниите. Јас искрено ќе стојам зад секој работник кој што ќе пријави вакво непочитување на законот“, смета Царовска.

Најголемиот дел од истражувањата покажуваат дека вработените од земјава имаат најнизок стандард од земјите во регионот според висината на месечните плати. Иако има драстичен раст на висината на платите во последниве 10 години, експертите се скептични дека месечните примања се пораснати за 66 отсто колку што тврдат институциите. 

Со исплата на септемвриската минималната плата од 12.000 денари стартуваше зголемениот минималец, во кој финансиска асистенција има и државата. Месечно од буџетот за оваа цел се обезбедуваат 1,5 милиони евра – народни пари.

Владата планира поддршката да трае една година, со тоа што во шесте наредни месеци односно следната година, износот на пари да се преполови на 750.000 евра месечно, бидејќи се очекува компаниите да се прилагодат на новите услови.

Доколку компаниите решат да  ја искористат државната помош добиваат околу 2000 денари за секоја исплатена минимална плата. Пресметките велат дека минимална плата добиваат околу 130 илјади работници во земјава.

Иле Петревски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР