Тензично во Зимбабве по смената на Мнангагва

417
0
АКЦИЈА

Неколку тенкови, како и оклопни возила и камиони со војници биле забележани денеска како се движат кон Хараре, главниот град на Зимбабве, каде има тензии меѓу поддржувачите на водачот Роберт Мугабе и неговиот сменет потпретседател Емерсон Мнангагва.

Мугабе (93), кој владее со Зимбабве од 1980 година, минатата недела го разреши Мнангагва, за кого се очекуваше дека ќе биде негов наследник на чело на сиромашната африканска држава. Според некои медиуми од Зимбабве, смената на Мнангагва укажува на тоа дека Мугабе се подготвува да ја постави својата сопруга Грејс Мугабе (52) на чело на државата по неговото евентуално повлекување од претседателската функција.

Генералот Константино Чивенга, командант на армијата на Зимбабве, вчера јавно ја критикуваше одлуката на претседателот Мугабе да го разреши Мнангагва, што ги подгреа шпекулациите дека армијата може да застане зад Мнангагва.

– Мораме да ги потсетиме тие што стојат зад актуелните манипулации дека армијата нема да се двоуми да интервенира ако треба да се заштитат придобивките на нашата револуција, изјави генералот Чивенга.

Во меѓувреме, Би-Би-Си јави дека Мнангагва побегнал од земјата за да избегне апсење.

Мнангагва и Мугабе се соборци од организацијата ЗАНУ, која во 60-тите и 70-тите години војуваше за ставање крај на апартхејдот во Зимбабве и за воведување на комунистичко уредување. Мугабе е неприкосновен владетел на Зимбабве, додека Мнангагва се смета за еден од најбогатите луѓе во државата и освен потпретседателската функција бил и претседател на Парламентот, министер за одбрана, правда и финансии.

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР