ДУИ задоволна од новиот буџет: Автопатот Скопје – Блаце ќе почека уште една година

535
0
АКЦИЈА

Албанската партија на власт е задоволна од издвоените средства за проектите кои се однесуваат на зоните со претежно албанско население. Вицепремиерот Хазби Лика јавно му се заблагодари на премиерот, Зоран Заев, за кого рече дека имал објективен пристап во составувањето на буџетот.

Лика додава дека буџетот за следната година ги исполнува сите барања на двата албански универзитети, но и на Универзитетот на Југоисточна Европа.

„За Тетовскиот универзитет, за 2018 година, издвоени се околу 330 милиони денари, односно 5 милиони и 300 илјади евра.

За Универзитетот Мајка Тереза предвидени се 288 милиони денари, од кои 88 милиони денари се предвидени за тековните работи на универзитетот Мајка Тереза, и 200 милиони за главниот проект. Преостанатиот дел е наменет за почеток на изградбата на универзитетскиот кампус“, вели Лика.

Според вицепремиерот, доколку има потреба од дополнителни средства за изградба на универзитетскиот кампус, тие ќе се обезбедат преку ребалансот на буџетот. Парични средства се издвоени и за функционирање на вториот 24 часовен јавен сервис на албански јазик.

Законот за албанскиот јазик се уште не помина во Собрание, но кога ќе помине, Владата има готов буџет за двете институции кои ќе го набљудуваат спроведувањето на законот. Околу 20 милиони евра се издвоени за реконструкција на регионалните патишта кои се под надлежност на претпријатието „Македонски улици и патишта “.

Ќе се реконструира и патот Скопје – Блаце, кој ќе биде во употреба се до изградбата на автопатот кој ќе ја поврзува Македонија со Косово. Според вицепремиерот, целата документација ќе биде комплетирана следната година, а се очекува изградбата да започне во 2019 година, проект кој ќе ја чини државата 100 милиони евра.

Околу 2 милиони евра издвоени се за менаџирање на дивите депонии, но владата се уште нема подготвено конкретен план за тоа. Лика вели дека во блиска иднина, во соработка со Министерството за животна средина, ќе се подготви план и ќе се одредат приоритетите.

Вицепремиерот упати повик до сите општини да аплицираат со сериозни проекти, бидејќи како што вели, владата е подготвена да им помогне.

Фуркан Салиу

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР