„Клик Плус“: Кога ќе и “тргне“ на економијата?

362
0
АКЦИЈА

Најавата за зголемување на акцизата на дизелот која што предизвика најмногу реакции во јавноста беше и главната тема во синоќешниот „Клик Плус“. Бизнисменот Фатмир Битиќи смета дека најголем удар по воведувањето на оваа мерка за полнење на буџетот ќе доживее транспортниот сектор.

„Кај еден стопанственик кој што работи во транспортниот сектор, кој што има просечно 60 возила – камиони, шлепери, кој што троши 50 литри дневно, што е невозможно, тоа се само 50 километри дневно да направи со камионот. Толку е една редовна тура низ Македонија, а замислете за надвор од Македонија. Тој годишно ќе треба да даде 55 илјади евра повеќе“, вели Битиќи.

И универзитетскиот професор Лазар Јовевски смета дека со зголемената акциза не само фирмите туку и граѓаните ќе ја почувствуваат негативната реперкусија наметната од владата. Наместо вакви мерки, професорот сугерира владата да се фати за работа и да го продолжи трендот на намалување на невработеноста.

„Од секогаш сум си го поставувал прашањето за толкавата невработеност, прво дали е тоа реална невработеност. Многумина меѓу кои сум и јас кои сметаме дека таа не е реална невработеност. Има различни проекции до 12 до 15 отсто, а некои работодавачи велат дека е и под 10% така што во тој дел имаме сива економија која во иднина мора да се среди за да се дојде до таа реална бројка“, смета Јовевски.

Неколкуте негативни резултати кои ги испорача македонската економија на стартот од работењето на новата влада не треба да носи несигурност бидејќи тоа е епилог на политичката криза, смета сопственичката на компанија Ирена Јакимоска. Но, според неа мора внимателно да се следи работата во индустријата.

„Доколку би се случил уште еден „Фени“ реперкусиите би биле прилично негативни. Тенка ни е линијата, но мора сите да партиципираме, ние како работодавци да правиме зголемена додатна вредност, фокусот наш да биде на извозот и на индустријата се со цел да ги надополниме евентуалните недостатоци и да дадеме време, за се треба време“, додава Јакимоска.

Сепак универзитетскиот професор Ванчо Узунов не стравува од рецесија и покрај тоа што се чека извештајот на Државниот завод за статистика кој доцни, а треба да обелодени дали земјава паѓа во рецесија.

„Јас не мислам дека Македонија ќе влезе во рецесија со тоа што нема да влезе ни во никаква експанзија. Растот ќе биде под 1% – околу 0,8%. Тоа формално не е рецесија, меѓутоа не е ништо за фалење“, вели Узунов.

Инаку оваа фискална година експертите па и јавноста ќе ја запомнат по турбулентните случувања на економски план. Политичката криза и изборните процеси, и промената на власта  резултираа со намалена стапка на првичната прогноза за економскиот раст. Економијата испорача неколку негативни резултати во однос на вредноста на извоз и индустриско производство. Сепак од владата уверуваат дека следува стабилизација на состојбата и враќање на позитивните трендови.

Иле Петревски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР