Партиите ја прифатиле поканата на Вајгл: Ќе бидат гости во куќата на Жан Моне во Париз

865
0
АКЦИЈА

На 27 километри западно од француската престолнина, се наоѓа куќата на покојниот француски политичар и дипломат Жан Моне.

Таму во јануари, претставници на сите македонски политички партии без притисок на јавноста и медиумите, ќе седнат на заедничка маса за да ги подобрат меѓусебните релации.

Поддржани од еврокомесарот за проширување Јоханес Хан и претсавници на Европскиот парламент, партиите ќе разговараат за собранискиот деловник, етичкиот кодекс за пратениците и владеење на правото. Специјалниот известувач за Македонија, Иво Вајгл, вели дека партиите начелно потврдиле присуство.

„Во секој Парламент во светот партиите не се согласуваат по сите прашања, бидејќи имаат различни позиции. Тоа што се случи во овој Парламент на 27 април беше болно искуство за сите и мислам дека сите политички партии извлекоа некоја лекција и сега се подготвени да работат на подобрување на заедничките и демократски врски“, вели Вајгл.

Во изјавата известувачот тврди дека оваа иницијатива не е замена ниту продолжение на Пржинскиот договор, туку дијалог кој би ја зголемил емпатијата и би придонел за конструктивно функционирање на македонскиот Парламент.

Собранискиот спикер, Талат Џафери кој претпладнево имаше брифинг со известувачот Вајгл и евроамбасадорот Самуел Жбогар, истакна дека Законодавниот дом ги прифатил во целост препораките на Европскиот парламент да почне дијалогот и да придонесат новиот извештај за Македонија да биде позитивен.

„Тоа не значи продолжение на тоа што го правевме во минатото тука во Скопје, туку е нова димензија во дијалогот во Парламентот, односно во парламентарните групи“, смета Џафери.

Европратеникот Вајгл не сакаше да открие во каков формат ќе бидат состаноците, дали на ниво на пратенички групи или пак на лидери на политички партии. Но истакна дека не се исклучува можноста натамошните состаноци да се одржуваат и во други европски градови или во Скопје.

Антонио Крстевски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР