„Трета среќа“ за Чаир: Ќе има ли промена во конечниот исход?

405
0
АКЦИЈА

Градежна механизација на улицата Втора Македонска Бригада. Токму овде се наоѓа основното училиште „Иднина“ каде е сместено гласачкото место 2901. Лицата кои според Избирачкиот список треба да гласаат на ова место, во недела повторно треба да излезат и да го дадат својот глас за кандидатот за кој веруваат дека ќе им обезбеди подобри услови за живот во Чаир.

Градежни работи има и на улицата „Архиепископ Доситеј“. На ова гласачко место ќе има трет круг за избор на градоначалник на Чаир откако Управниот суд одлучи да ја прифати тужбата на Движењето Беса. Жителите чии домови се наоѓаат на оваа улица посакуваат конечно ликалните избори да завршат, но исто така посакуваат да завршат и градежните работи.

Иако теоретски конечниот резултат може да биде сменет, сепак двајцата кандидати за градоначалник на Чаир овој пат не водеа кампања. Разликата меѓу Висар Ганиу од ДУИ и Зеќирија Ибрахими од Движење Беса, по вториот круг изнесува 209 гласа.

На гласачкото место 2901 има 719 запишани гласачи, што значи дека теоретски можна е промена на конечниот исход. Ганиу вели доколку има промени, ќе му честита на противкандидатот Ибрахими.

„Ја почитувам волјата на народот и доколку граѓаните одлучат тој да победи, јас ќе му честитам. Но, убеден сум дека граѓаните ќе се одлучат за мене, бидејќи и во првите два круга така одлучија и немам причина да се сомневам дека третиот круг ќе измени нешто“, вели Ганиу.

Кандидатот од коалицијата Алијанса со Беса, Зеќирија Ибрахими вели дека оваа одлука претставува надеж и побара од граѓаните од овој дел на Чаир да гласаат слободно.

„Се надеваме дека граѓаните од овој дел на Чаир можат да ја изразат својата слободна волја без никаков притисок. Се надевам дека конечниот резултат ќе ја потврди нашата убеденост за тоа кој е вистински победник на изборите во општина Чаир“, смета Ибрахими.

На гласачкото место 2901, во вториот круг од локалните избори 2017, Зеќирија Ибрахими освои 164 гласови, Висар Ганиу 98, а 17 гласачки ливчиња беа неважечки.

Доколку кандидатите повторно го освојат истиот број гласови, одлучувачки за одредување на победникот, ќе бидат 441 гласачи кои што не излегле на гласање во вториот круг од изборите.

Аднан Ќаили

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР