Анѓушев не чувствува одговорност: Одлуката за акумулаторите е услов за влез на инвестиција

903
0
АКЦИЈА

Вицепремиерот за економија Кочо Анѓушев не чувствува одговорност бидејќи смета дека не ја злоупотребил државната функција при укинувањето на царината за увоз на електрични литиум –јонски акумулатори.

По објавувањето на оваа информација, дека владата донела ваква одлука опозицијата веднаш обвини дека вториот човек во владата си прави терен за сопствен профит, бидејќи такви акумулатори според нив користи само неговата компанија Брако која изработува електрични возила.

Анѓушев уверува дека оваа одлука е еден од условите за влез на странска компанија во земјава и дека неговата фирма нема да има никаков  интерес од укинувањето на царината.

„Значи компанијата Брако е како сите други компании во Македонија. Таа е производител на електрични камиони и во моментов нема да има бенефит бидејќи комплетното производство го извезува“, вели Анѓушев.

Вчера опозицијата обвини дека власта државата ја има претворено во приватна фирма која работи за потребите на партијата. Наместо за граѓаните, ова владино раководство работи само за интересите на кланот Заеви и мултимилионерот Анѓушев, обвинуваат од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

„СДС се става во функција на портпарол на владата и невешто се обидува да ја правда одлуката на владата за ослободување од царина на акумулаторите кои во Македонија ги користи само фирмата на Кочо Анѓушев. СДС ги манипулира граѓаните и под превезот заштита на животна средина, воведува повисоки даноци кои ќе ги плаќаат најсиромашните, а даночни и царински ослободувања за најбогатите, тоа е еднаквоста и солидарноста која ја ветуваше СДС“, велат од ВМРО-ДПМНЕ.

Ова не е прв пат вниманието на јавноста да биде насочено кон вицепремиерот Анѓушев. Уште пред неговото поставување за потпретседател на владата изби аферата дека тој има партнерска фирма регистрирана во Белизе.

Потоа следуваше и еден спорен тендер на државната ЕЛЕМ на кој учествуваше неговата компанија Фероинвест. Во тој случај Анѓушев се правдаше дека нема конфликт на интереси бидејќи, како што тврди, тој  е само сопственик, а други лица се управители.

Иле Петревски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР