Џолев против притисок врз судиите

732
0
АКЦИЈА

Засега нема итни интервенции во распоредот на судиите во скопскиот кривичен суд потпишан од досегашниот в.д. претседател Стојанче Рибарев. Ова и други планови на стартот на новата позиција го најави новоизбраниот претседател на судот, Иван Џолев, откако со свечена заклетва застана на чело на институцијата.

Во врска со наводите за притисоци врз судиите, особено кога станува збор за обвиненијата на Специјалното обвинителство, веќе одобрени и влезени во судска постапка, Џолев рече дека пред да преземе било какви чекори – добро ќе ги разгледа состојбите.

„Анализа ќе се направи. Ќе се види дали има проблем во таа смисла, и доколку се утврдат некакви проблеми сигурно дека ќе има и моментални одлуки во тој правец. Ќе разговарам со судиите и единствено ќе барам од нив а постапуваат согласно законот, без никакви притисоци и влијанија од страна на политички структури“, смета Џолев.

За првиот човек на Судскиот Совет Зоран Караџовски темата околу “подобноста” на судиите, забелешка што ја имаше и во последниот извештај на Прибе, е затворена. Тој сепак ги потврди информациите дека четири судии од скопска единица, кои во време на претходниот претседател на судот Владимир Панчевски беа делегирани од судовите во Тетово, Неготино и други градови, се вратиле во матичните судови.

За две од нив, судијките Александра Поп – Стефанија и Елена Илиевска Јосифовиќ, Специјалното обвинителство поднесе иницијативи за нивно разрешување оти ги опструирале нивните предмети.

„Нема подобни и неподобни, треба да се работи по Устав и по закон. Единствено така судиите можат да го зачуваат и својот личен интегритет и независноста и својата работа. Овие денови истече делегирањето на четворица судии од други судови што беа делегирани во Основен суд Скопје 1, и тие се вратени во матичните судови од каде што доаѓаат“, додава Караџовски.

Новиот претседател на скопскиот Кривичен суд беше избран откако претходно поради здравствени причини оставка поднесе вршителот на должноста Стојанче Рибарев. Пред него оваа функција ја вршеше судијката Татјана Михајлова.

По подолг период на внатрешни превирања и негативни забелешки од домашната и меѓународната јавност, судот добива претседател избран преку оглас и изгласан од Судскиот совет. По забелешките на европскиот правен експерт Рајнхард Прибе дека чувствителни предмети биле распоредувани кај  “доверливи” судии, Министерството за правда проверува дали и колку бил злоупотребен судскиот компјутерски систем за распределба на предмети. Извештајот за наодите се очекува да биде објавен наскоро.

Михајло Видимлиски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР