Пожар уништи дел од Градежен факултет

1548
0
АКЦИЈА

Пожарникарите за неколку минути стигнаа до Градежниот факултет, чиј трет кат беше во пламен, но непрописно паркираните возила им го попречија пристапот.

Беа принудени прво да ја скршат рампата. Со подвижни скали се издигнаа до покривот на зградата за да го гасат пожарот што избувна околу 9 наутро.  Повредени нема, евакуацијата на студентите и на вработените се одвиваше брзо.

Деканот на Архитектонскиот факултет, под ист покрив со Градежниот, им се заблагодари на пожарникарите, но се пожали поради сообраќајниот хаос.

Деканот на Градежниот факултет Дарко Маславач рече дека прво се обиделе самите да го изгаснат огнот, но било невозможно.

Пожарникарите во повеќе наврати се поплакуваат дека во Скопје има повеќе црни точки кои ја отежнуваат нивната работа.

Пред се поради паркирани возила но и лошо испланирани урбанистички решенија кои не дозволуваат многу простор за маневри. Пожарникарските скали во многу од висококатниците со години се блокирани од станарите, а хидрантите не работат.

Сето ова ја попречува нивната брза интервенција и резултира со поголема штета. Денеска, во пожарот на Градежен факултет целосно изгореа барем три кабинети во зградата, но засега нема точна проценка на материјалната штета.

Причината за пожарот не беше соопштена. За гаснење беа ангажирани 26 пожарникари со 11 возила. На местото на инцидентот дојде и градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов.

Африм Јонузи

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР