Миновски: ЕЛЕМ бара начин како да се заврши фасадата на заедничкиот објект со ЕВН

407
0
АКЦИЈА

АД ЕЛЕМ планира во наредниот период да ги интензивира контактите со ЕВН Македонија со цел да се најде начин како да се заврши фасадата на заедничкиот објект во центарот на Скопје, најавува генералниот директор и претседател на Управниот одбор на АД ЕЛЕМ Драган Миновски во интервју за МИА.

-Менувањето на фасадата на сегашната управна зграда е заеднички проект на ЕЛЕМ и ЕВН, што требало да заврши уште во септември 2014 година. Застојот настанал затоа што ЕВН барала од изведувачот „Бетон“ да употреби огноотпорни материјали за фасадата, што изведувачот го одбил. На тоа прашање застанале работите и новото раководство на ЕЛЕМ ја затекна таа ситуација. Зградата се наоѓа во најтесниот центар на Скопје, на самиот плоштад и со години е опкружена со градежни скелиња и заштитни мрежи, со извадена фасада, практично соголена. Не е убава слика ниту за околината, а не е погодна ни како работни простории бидејки самата зграда нема изолација без фасадата, порачува Миновски.

Проектот, додава, бил замислен зградата да биде „преслечена“ во т.н. барокен стил.

– Нашата намера е заедно со ЕВН да ги разгледаме сите можности што ни стојат на располагање, вклучувајќи ја и идејата да се пренасочиме кон енергетски ефикасна и безбедна фасада, со модерен изглед, потенцира Миновски.

За новиот објект на АД ЕЛЕМ на улица „Македонија“, спроти старата железничка станица вели дека требало да биде готов пред 13 месеци, а причината за доцнењето ја лоцира во компанијата, поконкретно во вториот тендер за зградата, објавен во 2015 година кога, како што вели, биле заборавени да се стават одредени работи кои требало да се завршат, како делови од електрична инсталација, комуникациски инсталации, разводни табли,…

-Правиме напори објектот да се заврши што побргу и да не се предизвикаат нови трошоци со понатамошно одолговлекување. Зградата е околу 95 отсто готова, набавен бил и мебел, но не можеме со сигурност да кажеме кога ќе биде целосно завршена, прецизира Миновски.

Во интервјуто што целосно ќе биде објавено утре, Миновски говори и за состојбата што ја затекнале во РЕК Битола, плановите за зголемување на производството на електрична енергија, модернизацијатата на капацитетите, новите набавки,…

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР