По еден месец од почетокот на учебната година, учениците се уште без учебници

392
0
АКЦИЈА

Учителите диктираат а учениците пишуваат. Поради недостаток на учебниците, наставниците и учениците на основното училиште „Исмаил Ќемали“ во Скопје се принудени секој час да го одржуваат на овој начин.

„Мене ми е многу досадно исто и на целиот клас. Еве и овој учебник не е цел, едвај успеваме да учиме нешто од него. Многу ни е досадно кога диктира учителката и не можеме да постигнеме се да напишеме“, вели Гент Кчику, ученик.

„Имаме тешкотии со пишувањето кога учителката диктира. Кога таа диктира, јас тешко пишувам и ме боли раката“, додава ученичката Лина.

Тешко е и за наставниот кадар, а најмногу за наставниците по македонскиот јазик.

„Во моето одделение има само шест учебници, некои ученици го копирале учебникот. Секој час треба да диктирам, а тоа за учениците е досадно. Ние наместо да работиме со текстови, анализа на текстовите и прашања, ние сме принудени да диктираме“, додава учителката по македонски јазик Лумније Лама.

Раководството на училиштето вели дека од Министерството за образование им ветиле дека учениците конечно ќе ги добијат учебниците, но немаат информација кога. Освен учебникот на македонски јазик, во оваа училиште недостасуваат и учебниците по другите предмети.

„Албанскиот јазик, македонскиот јазик, англискиот јазик, историја, и неколку други предмети. Контактиравме со Министерството за образование и ни ветија дека наскоро ќе не снабдат со учебници“, додава Небахат Ќахили, библиотекар од училиштето.

Истиот проблем го имаат и основните училишта „Имри Елези“, „Никола Вапцаров“, „Петар Здравковски Пенко“, и уште неколку училишта. Иако неколку пати се обидовме да стапиме во контакт со Министерството за образование, во врска со овој проблем, тие беа недостапни за коментар.

Зимер Јашари

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР