АКМИС системот на проверка: Дали имало привилегирани судии?

599
0
АКЦИЈА

Дали имало исклучени судии од електронскиот систем за распоредување на предмети и дали имало привилегирани? Но пред се, дали предметите се распоредувале согласно внатрешните процедури ќе треба да даде одговор извештајот на Комисијата формирана од Министерството за правда која постапува врз основа на индициите на Прибе.

Судијата од кавадаречкиот основен суд кој ја предводи оваа комисија, Лазар Нанев, за ТВ 21 вели дека проверката во скопскиот Кривичен суд, за каде што има најголеми сомненија дека се местени предмети, е завршена и нема никаква поврзаност со истрагата на Специјалното јавно обвинителство.

„Обезбедени се документи од судот при што се проверува распоредот на судиите, измените во распоредот, дали тие измени се направени со претходно мислење добиено од судиите.Дали има судии кои биле исклучени од АКМИС и дали тоа е направено согласно внатрешните процедури. Дали се внесуваат предметите во АКМИС со сите податоци, дали на дневна основа се прави внесувањето. Дали некои судии се исклучени од системот и дали има привилегирани. Дали судиите кои се вклучени во АКМИС е согласно распоредот, односно дали ако некој судија е исклучен има оправдување за тоа“, вели Нанев.

Претседателот на Судскиот совет рече дека извештаи досега редовно се подготвувале, но бидејќи немало никакви сомнежи не биле направени дополнителни проверки, но и никој не се пожалил во Судскиот совет на злоупотреби на АКМИС системот.

„Ние како Судски совет, и повисоките судови спрема пониските судови, и работните тела подготвуваат извештаи во врска со тоа. Никој никогаш на нас не ни се пожалил. Од тоа што ние сме го презеле, не сме констатирале нешто за да преземеме дополнителни активности, од тоа што сме преземале“, соопшти Зоран Караџовски.

Експертската група предводена од Рајнхард Прибе нотираше сериозни индикации за злоупотреби на компјутерскиот систем во скопска единица.

„Има индиции дека некои судии имаат договорено да бидат недостапни кога се делат осетливи случаи, бидејќи тие се обидуваат да го избегнат притисокот што треба да го носат врз нив“, се вели во извештајот на Прибе.

Анализата на Комисијата која го проверува функционирањето и одржливоста на АКМИС системот ќе резултира со извештај кој ќе му биде предаден на министерот за правда кој понатаму ќе треба да одлучи како ќе постапи.

Михајло Видимлиски

НЕМА КОМЕНТАРИ

ОСТАВЕТЕ ОДГОВОР